
Барањата за апанажа на дневен ред на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата
Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска ќе ја одржи втората седница.
Препорачано
На дневен ред се утврдување Предлог – одлука за изменување и дополнување на Одлуката за избор на претседатели, заменици на претседателите, членови и нивни заменици на комисиите на Собранието, Разгледување на барања за остварување на плата по престанок на функцијата пратеник во Собранието на Република Северна Македонија и за остварување на отпремнина при заминување во пензија од поранешни пратеници, како и барање за плата по престанок на функцијата член на Советот на јавните обвинители.
Комисијата одобри 29 поранешни пратеници една година да живеат на државен трошок, односно им ги одобри решенијата за апанажа.
Според законските одредби, апанажата е во висина на пратеничката плата. Неа ја исплаќа Собранието, односно организацијата во која лицето ја вршело функцијата. Според собраниски информации, речиси половина пратеници од минатиот состав, односно 57 од 120 народни избраници ќе побараат апанажа. Рокот за поднесување барања на апанажа почна на денот на верификација на мандатите на пратениците од новиот парламентарен состав, а завршува за 30 дена, односно на 28 јуни.
Меѓу поранешните пратеници на кои веќе им е одобрена апанажа во траење од една година се Жаклина Лазаревска, Ненад Коциќ, Санела Шкриељ, Дарко Каевски, Љупчо Балковски, Абдула Салиу, Диме Велковски, Игор Јанушев, Маја Морачанин, Боби Мојсовски, Мартин Костовски, Кастриот Реџепи… Мирослав Јовановиќ ќе прима апанажа само два месеца до стекнувањето право на пензија, Абдула Салиу шест месеци додека не оди во пензија, додека Ремзи Мехмети на апанажа ќе биде девет месеци.
Против предлогот за апанажа беше пратеникот од Левица, Крмов.Комисијата одлучи да им го прекине правото на апанажа на Оливер Спасовски и на Весна Бендевска, кои се пратеници во новиот парламентарен состав. Спасовски земаше апанажа откако беше сменет од министер во МВР поради техничката влада, додека Бендевска беше на апанажа откако ѝ заврши мандатот во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.