Мишел и Барак Обама во 2017 година / Фото: EPA/OLIVIER DOULIERY / POOL

Барак Обама за проблемите со Мишел: „Со години го поправавме односот откако излеговме од Белата куќа“

Поранешниот американски претседател Барак Обама откри дека по заминувањето од Белата куќа со години морал да го поправа односот со сопругата Мишел, бидејќи неговиот политички подем и двата претседателски мандата во голема мера го обележале животот на целото семејство.

За време на разговор со историчарот Дејвид Олусога во лондонската О2 арена, Обама отворено призна: „Се вадев од таа дупка во која завршив со Мишел. Сега сме дури на рамно тло“.

Ова не е првпат 62-годишниот поранешен претседател вака да зборува за својот брак. И претходно овој месец се пошегува дека последните осум години „се обидува да ја врати рамнотежата“ и да ја расположи сопругата.

Парот, кој е во брак речиси 33 години, минатиот викенд беше забележан на луксузната јахта на нивниот пријател Стивен Спилберг во Портофино. Фотографите, сепак, снимија дека пристигнале одвоено – Мишел прва, а Барак нешто подоцна.

Ова беше нивното прво заедничко појавување откако во јули беа гости во поткастот на Мишел, каде во шега ги коментираа гласините за брачните проблеми.

„Таа повторно ме прими!“, се пошегува Обама, а братот на Мишел, Крег, кој го водеше интервјуто, додаде: „Луѓето мислат дека сте разведени штом не сте во иста просторија“.

Мишел тогаш нагласи дека „никогаш немало ниту момент кога посакала да го напушти сопругот“, иако призна дека имале тешки фази.

„Стана подобра личност благодарение на човекот со кого сум во брак“, рече таа.

Иако бракот останува цврст, поранешната прва дама во подкастот призна дека по претседателството на Обама се чувствува послободна од кога било.

„Првпат во животот можам да носам одлуки кои не се врзани за неговата кариера или за децата. Ова е момент кога жените навистина почнуваат да живеат“, изјави таа.

Нејзиното отсуство од неколку важни настани, меѓу кои инаугурацијата на Доналд Трамп и погребот на поранешниот претседател Џими Картер, дополнително ги поттикна шпекулациите за брачна криза.

Обама, пак, последниве месеци повторно активно коментира политика. Жестоко ја критикуваше администрацијата на Доналд Трамп за наводен притисок врз медиумите и „гушење на слободата на говор“, нарекувајќи го тоа „поопасно од културата на исклучување“.

Покрај тоа, се соочува и со огромни трошоци околу претседателската библиотека и центар во Чикаго, чија цена се искачи на неверојатни 850 милиони долари, иако првичната проценка изнесувала 300 милиони. И покрај критиките за луксузните хонорари на раководството на фондацијата, досега се собрани повеќе од милијарда долари донации.

И покрај сите шпекулации, Мишел и Барак Обама изгледа остануваат заедно. Тие имаат две ќерки – Малија (27) и Саша (24), а поранешниот американски претседател тврди дека поголемиот дел од озборувањата за нивниот брак воопшто не ги ни забележува.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот