
Банкротира компанијата што го облекуваше британското кралско семејство
Модниот бренд Cefinn, кој беше основан во 2017 година од Саманта Камерон, сопруга на поранешниот британски премиер Дејвид Камерон, се откажува од бизнисот. Иако нивните креации ги носеле познати личности и членови на кралското семејство, вклучувајќи ја принцезата од Велс и кралицата Камила, брендот никогаш не успеал да оствари профит, пренесе Би-би-си.
Препорачано
Саманта Камерон го основа Cefinn со цел да создаде урбани униформи за жени кои работат, а името на брендот е создадено како акроним од имињата на нејзините деца: Иван, Елвен, Флоренс и Ненси. Брендот брзо стекна популарност, а меѓу неговите обожаватели се актерката Џилијан Андерсон и водителката Холи Вилоуби.
Во официјална изјава, 54-годишната Камерон ги објасни причините за затворањето.
– Ова не е одлука што ја донесов лесно, особено затоа што неодамна забележавме силни резултати од продажбата. Сепак, како мала компанија која се движи низ турбуленции во секторот за големопродажба на мода, постојани притисоци врз трошоците и ограничувања на меѓународната трговија, ми станува сè потешко да бидам сигурна дека Cefinn може да го постигне нивото на раст потребно за да се постигне стабилна и профитабилна позиција – објасни таа.
Додаде дека одлуката била тешка и дека е „длабоко благодарна“ на својот тим.
Најновите финансиски извештаи на брендот покажуваат пад од пет проценти во продажбата на 4,2 милиони фунти, додека загубите пред оданочување изнесуваа вкупно 354.000 фунти. Камерон претходно призна дека Брегзит го направил работењето „предизвикувачко и тешко“, а пропаѓањето на Matches Fashion, глобалниот трговец на мало со луксузна стока, го отежнало работењето на малите, независни брендови. Иако Cefinn обезбеди инвестиција од 2,5 милиони фунти од донатор на Конзервативната партија, сопственикот не сакаше да бара дополнителен капитал- пренесе Каматица.
Двете продавници во Лондон ќе останат отворени додека не се распродадат есенските и зимските колекции, а 24 вработени ќе добијат отпремнина. Конечно, Саманта Камерон им се заблагодари на клиентите за нивната лојалност, истакнувајќи дека тие се „постојан извор на инспирација“.