
Балканска рута: Врие на Идомени, над илјада мигранти чекаат поволен момент од Грција преку Македонија да тргнат кон ЕУ
Грчките власти стравуваат од повторување на мигрантската криза во 2015 кога само во околината на Кукуш „се населија“ десетици илјади бегалци и мигранти кои чекаа погоден момент да влезат во Северна Македонија и од таму да го продолжат патот кон посакуваната дестинација – западна Европа. На северната грчка граница почнува да се појавува сеништето на „нов Идомени“, пишува Катимерини.
Препорачано
„Веќе одреден период бегалците и имигрантите кои успеваат илегално да ја преминат грчко-турската граница кај реката Еврос (Марица) – се собираат во Идомени за да го искористат преминот по долината на реката Вардар. Таму, засега мали групи, поставуваат кампови во истоименото село, престојуваат во хотели во околината или демнат во шумата, додека не им се даде можност да се „пробијат“ во Северна Македонија и да напредуваат во внатрешноста, заобиколувајќи ја оградата“, пишува грчкиот весник.
„Во последно време се забележани зголемени текови на илегални имигранти, како и зголемена концентрација на подрачјето на Идомени – Евзони како и на други погранични населби од нашата општина. Се проценува дека нивната бројка надминува илјада и во секој случај е поголема од вкупното возрасно населението во населените места во областа“, напиша градоначалникот на Пајонија Костас Сионидис во меморандумот што му го предаде на државниот министер Јоргос Герапетритис при неговата посета на Кукуш на 9 септември годинава.
Тој му нагласи дека неодамна имало инциденти во кој загинал млад илегален имигрант, а една бремена жена абортирала како последица на судири меѓу мигрантите.
„На периферијата на нашата заедница, околу сто и педесет луѓе поставија шатори и чекаат да го продолжат својот пат кон Европа“, изјави за „Катимерини“ претседателката на заедницата Идомени, Ксанти Супли. „Се шетаат низ селото, навечер палат оган. Таксистите од околината тријат раце превезувајќи мигранти до и од Солун по превисоки цени (150 евра „по глава“), а некои хотелиери добро заработија. Со помош на криумчарите на мигранти и со карти од областа во рака, бараат патеки на места кои не се покриени со ограда за да преминат во Северна Македонија, каде што се строги безбедносните мерки. „Ноќе граничарите на соседите ги отвораат капиите на оградата и ги враќаат назад, многумина од нив се малтретирани. Сè уште не сме пред нова 2015 година, но ако наскоро не се преземат соодветни мерки оваа илјадарка може да стане десет и дваесет илјади. Сепак, постои голема загриженост кај локалното население“, додава претседателката на заедницата.

Но, не се само жителите на Идомени и околните села во близина на грчко – македонската граница единствени кои се загрижени поради собирањето на мигрантите и бегалците пред нивната „врата“. Алармот од групирањата долж Балканската мигрантска рута ги загрижи лидерите на Австрија, Унгарија и Србија кои овој месец се сретнаа во Будимпешта на почетокот на месецот и се договорија дека „ќе преземат нови мерки за ограничување на протокот на нелегални мигранти во Европската унија преку Западен Балкан, во време кога граничните служби се под зголемен притисок“.
На другиот крај од балканскиот коридор, односно долж реката Еврос (Марица) која мигрантите ја користат за влез од Турција во Грција и Бугарија, Европејците се обидуваат да го „блокираат“ влезот, но и излезот од овој коридор кој е во срцето на Европа – Виена, организирајќи ја одбраната на клучните премини, како што се Идомени, границите Србија – Унгарија, Бугарија – Северна Македонија итн. Само во текот на оваа година година, грчката полиција уапси над 1.100 трговци со луѓе.
„На фронтот Тракија, Бугарија, која изгради и ограда долга двеста километри, прогласи делумна вонредна состојба во три области на границата со Турција поради зголемен притисок и истовремено ги зголеми патролите на нејзиниот брег на Црното Море. Во потег што ја нагласува критичната природа на ситуацијата, Софија ги укина бариерите за распоредувањето на Фронтекс на нејзината граница со Северна Македонија, поради нивните познати етнички разлики“, коментираат грчките весници.

На крајот од трилатералната средба, лидерите на трите земји на заедничка прес-конференција најавија мерки насочени кон поместување на „првата линија на одбрана“ на ЕУ кон Северна Македонија наместо кон јужната граница на Унгарија со Србија.
„Сега линијата е на српско-унгарската граница. Ова не е добро за Србија и не ни се допаѓа“, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Загриженоста од мигрантскиот бран расте и во Србија која со укинувањето на визите за азиските земји како Индија и Бангладеш им го олесни транзитот барем на оние кои пристигнуваат во Белград и оттаму тие лесно можат да се обидат да преминат во Европа. Во меѓувреме, Унгарија објави дека планира да распореди 4.000 граничари на нејзината јужна граница, по одлуката на Чешката Република минатата недела привремено да ги рестартира граничните контроли со Словачка.
Фронтекс ќе ја зајакне контролата на македонските граници
Во Скопје денеска во присуство на претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен и премиерот Димитар Ковачевски во Владата ќе се потпише Договорот за статус со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража, Фронтекс. Договорот ќе биде потпишан на македонски јазик.
Како што информираа од Делегацијата на ЕК во земјава, Договорот во име на Европската Унија ќе биде потпишан од страна на амбасадорот на Чешка Јарослав Лудва како претставник на чешкото претседателство со Советот на ЕУ и еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон која е дел од делгацијата на Фон дер Лајен и од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во име на Северна Македонија.
-Потпишувањето на договорот за статусот на Фронтекс претставува уште еден чекор во продлабочувањето на односите меѓу ЕУ и Северна Македонија. Тоа ќе донесе практични придобивки преку подобрување на граничната безбедност на земјата. Договорот е на македонски јазик, како и на сите 24 јазици на ЕУ, а сите јазични верзии се подеднакво валидни, се наведува во соопштението.
Договорот за гранично управување, инаку познат како Фронтекс, беше блокиран од страна на Бугарија поради употребата на зборовите „македонски јазик”. Советот на ЕУ на 13 октомври ја усвои одлуката за потпишување на Договорот за гранично управување меѓу ЕУ и Северна Македонија, откако Софија всушност го крена ветото, оставајќи ја формулата македонски јазик недопрена, како што е случај за сите други земји од регионот кои имаат договор со агенцијата Фронтекс. Договорот потоа беше одобрен и од страна на Европскиот Парламент.
Откако ќе стапи на сила Фронтекс ќе може да биде повеќе инволвиран во управувањето со границите во Северна Македонија во однос на миграциските текови и борбата против „илегалната миграција”. ЕУ смета дека зајакнувањето на контролите на македонските граници ќе помогне да се подобри безбедноста на границите на ЕУ.
Како Грција се справува со крумчарите на мигранти
Во последно време грчката полиција има полни раце работа со крадци на автомобили, претежно на џипови со поголема кубикажа, кои потоа се користат во операциите за криумчарење на мигранти.
-Некогаш теренците се крадат, а понекогаш се изнајмуваат од рентакар фирми. По можност да се големи теренски возила за превоз на поголем број патници. Откако ги оставаат скриени еден или два дена, за да не предизвикаат сомнеж, ги возат до Еврос од каде што ги земаат мигрантите и ги возат кон внатрешноста. Ова е особено профитабилна активност која се повеќе ја прифаќаат круговите на трговците со луѓе , за што сведочат серијата случаи кои неодамна излегоа на виделина од полициската истрага, пишува Катимерини кој објави и видео од една кражба на џип, потоа искористен за криумчарење на мигранти на територијата на Грција.
Грчките полициски служби осуетија сириски ланец кој во соработка со Грци крадел автомобили од Атика кои служеле за транспорт на мигранти од копнените граници на Грција и Турција до Солун, Атина или на други места. Врз основа на ценовникот што го направиле и кој им паднал во рацете на властите, тие наплаќале по 6.000 евра за трансфер на секој странец од Турција во Грција, 1.500 евра за трансфер од Грција во Северна Македонија, додека патувањето до Србија и Австрија, преку таканаречениот балкански коридор, чинел уште 3.000 евра. Толкав бил прометот на ланецот што еден од неговите водечки членови за да ги испере приходите од криумчарењето прибегнал кон испробаниот начин на купување тикети за спортско обложување преку компанијата ОПАП, а вкупната сума што ја потрошил изнесува 263.580 евра.
Водечкиот член на овој ланец е затвореник во затворите во Ханија кој иако потекнува од Сирија, познат е по прекарот „Марио“. Тој е во Грција повеќе од десет години и има тешко минато во трговијата со илегални мигранти. Освен тоа, искусни во илегалните активности и кражби на автомобили се и грчките соучесници на странците, кои во распределбата на улогите биле одговорни за пронаоѓање на возилата со кои се тргувале мигрантите.
Истрагата на Одделот за провални кражби и за безбедност на Атика откри дека уапсените ги превезувале украдените автомобили во Солун, паркирајќи ги во темни улички околу градската железничка станица. Откако ги оставале неколку дена, обвинетите отишле на однапред договорени точки во Еврос и собрале имигранти кои ги превезувале во Солун. Во главниот грчки град тие држат сигурни куќи – изнајмени станови кои ги користеле и како привремени притвори. Кој ја платил однапред договорената сума, можел слободно да си замине. Останатите остананувале во притвор и често биле мачени и тепани.
Грчката полиција на Патра уапси и група криумчари составена од грчки и албански државјани како и Пакистанци. Овие луѓе не краделе, туку изнајмиле автомобили – секогаш џипови и теренци – од компании во Патра и Атика. Но, по завршувањето на закупот не ги вратиле, туку ги користеле за преземање мигранти од регионот на Еврос и за транспортирање во внатрешноста.
ЕЛ.АС улогата на координатори им ја доделува на две лица, пакистански државјанин и Грк, екс затвореник. Тие ја користеле трасата Игнација – Одос за транспорт на илегални мигранти и всушност во неколку случаи учествувале и во крвави сообраќајни несреќи. Голем дел од украдените возила беа пронајдени излетани, оставени на трасата што ја поврзува грчко-турската граница со Солун. Тие се обвинети дека тргувале со 228 странци, при што од секој од нив наплатиле и по 5.500 евра.