
„Балансирањето“ по етникум станува минато, приоритет ќе биде професионалноста
Бројките во дигиталната алатката балансер од денеска веќе се променети за да одговараат на резултатите на резидентното население од Пописот во 2021 година
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски најави дека укинувањето на балансерот ќе се одвива во фази, а со тоа стручноста во одредена област ќе биде пред вработување по етничка припадност.
Препорачано
– Во првата фаза ќе се вратиме на законските основи на Пописот од 2021 година, а потоа со закон и промена на методологијата ќе одиме кон целосно укинување на алатката балансер при што целосно ќе се почитува темелната вредност на Уставот – соодветна и правична застапеност на етничките заедници – најави Андоновски.
Тој соопшти дека денеска на првата владина седница ќе се дискутира за некои основни прашања, но потребна е и поширока дискусија за да не се прекрши Уставот.
– Знам дека граѓаните имаат големи очекувања сите работи да бидат направени брзо, но мислам дека за ова е потребна сеопфатна дискусија во рамки на Владата, да видиме кои се начините да не се повреди темелниот принцип на Уставот – соодветна и правична застапеност на заедниците, но во исто време прво да ја гарантираме мериторноста, ефикасноста, квалитетот, образованието и искуството на вработените, а не да го гледаме нивниот етнички предзнак – изјави министерот на средба со новинарите.
Тој посочи дека бројките во дигиталната алатката балансер од денеска веќе се променети за да одговараат на резултатите на резидентното население од Пописот во 2021 година.
– Тоа значи дека лицата попишани во држави во странство нема да бидат дел од дигиталната алатка балансер за вработување во Република Македонија. Времето на балансирање по етнички клуч останува во минатото и сето тоа со почитување на темелните вредности на Уставот – потенцира Андоновски.
Мицкоски: Укинувањето на Балансерот е препорака од Европската Унија
Премиерот Христијан Мицкоски минатата недела изјави дека укинувањето на Балансерот е препорака од Европската Унија и смета дека тие препораки мора да се почитуваат.
– Не ни преостанува ништо друго освен да работиме согласно препораките коишто доаѓаат од самата ЕУ. Тоа е резултат од скрининг процесот – рече Мицкоски, додавајќи дека земјава треба да напредува согласно компетенции, а не според пол, етничка или верска припадност.
Лидерот на Демократското движење, Изет Меџити, кој во новата влада ја извршува функцијата прв вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање изјави дека претстои голема реформа и трансформација на министерствата, но дека содржината, односно основните концепти ќе останат исти, а правата на Албанците ќе продолжат да се гарантираат и штитат согласно Уставот и Рамковниот договор.
Притоа, Меџити најави дека балансерот како механизам за обезбедување правична застапеност ќе биде заменет со закон.
– Балансерот првично даде добри резултати, но во последните години има случаи каде многу често Македонци се запишуваат како Албанци, Албанци како Турци, не беше во функција на правичната застапеност на заедниците што не се мнозинство во државата или на локално ниво. Тоа важеше и за Македонците, така што тука се согласуваме дека како механизам не е доволен и треба да се регулира законски, а воедно ќе се внимава и на квалитетот што ќе оди во прилог на сите заедници. Тоа ќе биде дополнителна вредност за администрацијата – изјави Меџити.
Реакции: Дали укинувањето на балансерот ќе го наруши балансот во администрацијата
Во јануари оваа година Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) на седница одлучи да ги преиспита законите во кои е содржана алатката „Балансер“ за етничка припадност при вработување во јавен сектор.
Државната комисија за спречување на корупција смета дека алатката која одредува од која националност треба да бидат идните кандидати при оглас за вработување или таканаречениот „Балансер“ се коси со мерит-системот и ја нема вредноста за која бил наменет, како и дека уште од самиот почеток била злоупотребена, доведувајќи до ризици од трговија со влијанија, коруптивно однесување и создавање политички клиенти на партиите.
ДКСК смета дека иако имало позитивен резултат во етничките вработувања, во изминатите години станал евидентен порастот на бројот на вработени без реални потреби и без просторни услови во институциите, а практиката покажала дека кандидатите за да се вработат ја наведуваат етничката припадност што се бара во конкурсот.
Балансерот како алатка беше воведен во 2016 за да служи за соодветна и правична застапеност на сите заедници во секоја институција од државниот и јавниот сектор.
ДКСК од Уставен суд ќе бара проверка на законитоста на балансерот