Реакции: Дали укинувањето на балансерот ќе го наруши балансот во администрацијата

Меџити / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Лидерот на Демократското движење Изет Меџити, кој во новата влада ќе биде прв вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање на денешната трибина подвлече дека „Вреди“ е победник на парламентарните избори и е новиот политички фактор кој ги претставува Албанците со легитимитет, достоинство и одговорност, новата политичка структура која ќе биде носител на успешна институционална транзиција.

Во однос на Законот за реформа на органите на државата управа кој беше донесен со двотретинско мнозинство од новиот парламентарен состав, нагласи дека претстои голема реформа и трансформација на министерствата, но дека содржината, односно основните концепти ќе остатнат исти, а правата на Албанците ќе продолжат да се гарантираат и штитат согласно Уставот и Рамковниот договор.

При тоа Меџити најави дека балансерот како механизам за обезбедување правична застапеност ќе биде заменет со закон.

-Балансерот првично даде добри резултати, но во последните години има случаи каде многу често Македонци се запишуваат како Албанци, Албанци како Турци, не беше во функција на правичната засртапеност на заедниците што не се мнозинство во државата или на локално ниво. Тоа важеше и за Македонците, така да тука се согласуваме дека како механизам не е доволен и треба да се регулира законски, воедно ќе се внимава и на квалитетот што ќе оди во прилог на сите заедници. Тоа ќе биде дополнителна вредност за администрацијата, изјави за медиумите Меџити.

На оваа најава реагираат од Европскиот фронт, предводен од ДУИ.

– Денешниот трагично-комичен спектакл на коалицијата која ги загуби парламентарните избори е само уште еден обид да се измамат граѓаните со празни ветувања како оние од предизборната кампања кои не успеаја ниту да станат дел од програмата на нелегитимната Влада за која се предупредува. Законот за правична застапеност што денеска го прогласи ВЛЕН не е дел од владината програма што до Собранието ја достави претставникот, Христијан Мицкоски. Оваа коалиција на слуги и измеќари нема апсолутно никаква храброст и знаење да бара и да го натера нивниот газда, ВМРО-ДПМНЕ, да вклучи барем едно национално прашање во владината програма. Она што засега е официјално е само отстранување на Балансерот, како важен механизам кој потекнува од Охридскиот договор и има за цел да ги заштити етничките заедници од мајоризација и дискриминација во државните институции, реагира Европскиот фронт.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот