
„Балансерот“ до Нова година ќе ги замрзне сите вработувања во администрацијата
Конкурсите за вработувања во администрацијата ќе бидат под мраз сè додека не се надгради софтверот, односно од документите не се извади графата за етничка припадност.
До Нова година ќе нема никакви вработувања во јавната администрација, откако Уставен суд го укина „балансерот“, алатка за вработување во администрацијата според етнички клуч, брифираат за „Слободен печат“ извори од Агенцијата за администрација. Конкурсите за вработувања во администрацијата ќе бидат под мраз сè додека не се надгради софтверот, односно од документите не се извади графата за етничка припадност.
Препорачано
Според информациите, на економскиот оператор што го одржува софтверот ќе му требаат од 46 до 60 дена за надградба што значи дека во тој период институциите нема да објавуваат конкурси за вработувања на административци.
Агенцијата за администрација на состанок со економскиот оператор ќе треба да ја дефинира рамката за колку време ќе го надгради софтверот. Како што објаснуваат од Агенцијата, за надградбата е потребно време, бидејќи етничката графа што сега фигурира ќе треба да се отстрани од целата процедура, од почетокот до финализирањето на конкурсот.
И извори од Министерството за администрација потврдуваат дека ќе има застој за вработувањата во јавната администрација поради адаптација на софтверот и додаваат дека во овој период ќе има вработувања според етничката припадност, но само по огласите што институциите ги распишале пред Уставниот суд да го укине „балансерот“. Станува збор за 25 до 30 огласи.
Откако ќе се адаптира софтверот без графата за етничка припадност, институциите ќе може да објавуваат огласи за вработувања во кои решавачки при изборот на кандидатите ќе биде знаењето, стручноста, компетенциите и квалитетот на лицето што се јавило на огласот.
Министерот за јавна администрација Горан Минчев веќе најави дека ќе излезат со упатство за конкурсите за вработувања во јавната администрација по укинувањето на балансерот. Според информациите, упатството утре треба да биде презентирано на владина седница и Владата да донесе уредба.
Наскоро се очекува владините партнери да формираат работна група за подготовка на законот за правична застапеност, во која ќе учествуваат министри, пратеници и експерти. Иако коалицијата Вреди подготвила нацрт-закон за правична застапеност, засега нема информации дали работната група ќе ја коригира нацрт-верзијата на Вреди или ќе подготви сосема нов предлог-закон за правична застапеност.
Од Вреди велат дека е важно предлог-законското решение да биде издржано, односно да не се повтори ситуацијата како со балансерот. Владините партнери ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и Вреди се согласни законското решение пред да оди во Собранието, да се испрати на проверка во Венецијанската комисија.
Некои од решенијата што ги понудила Вреди во нивниот предлог, а за кои нема информации дали некои од нив ќе бидат и во владиниот предлог-закон се евиденција или регистар за етничката припадност во јавната администрација, потоа на нотар заверена етничка припадност при вработувањето на кандидатот, па бонус-бодови за кандидатот со етничка припадност кој ѝ е потребен на институцијата, при вработувањето институцијата да има увид како е запишан кандидатот во изводот од матичната книга на родени при раѓањето итн.