Бајата политичка понуда

Марин Гавриловски/Фото: Слободен печат

Наоѓајќи се помеѓу чеканот и наковалната, неопределениот, непартиски гласач, кој досега редовно бил главниот егзекутор на постизборната волја на нацијата нема избор за кого да го даде својот глас во кампања која од другите се разликува по тоа што и двата мејнстрим политички субјекти во земјава ја водат првенствено негативно, обвинувајќи ги оние од спротивниот табор за сенешто.

Дали вреди да бидеме политички коректни кон политичарите? Кон оние што повеќе од 30 години ја упропастуваат оваа држава и ова општество, предизвикувајќи со своето однесување 70 отсто од младото население да сака да ја напушти државава во потрага по нормален човечки живот. Дали треба во предизборието да бидеме културни и „фини“ и да не ги потсетуваме на нивниот валкан политички багаж, сè со цел да не влијаеме негативно врз формирањето на јавното мнение и, не дај боже, промената на мислењето на граѓаните за кого да го дадат својот глас?
Тие едноставно не заслужуваат фер и коректен третман.
До каде досега лицемерието на актуелната политичка камарила (од власта и од опозицијата), која со истите излитени фрази и флоскули ја бара довербата на граѓаните на уште едни „историски“ избори по кои, ако во нешто сме сигурни, тоа е дека ќе биде уште полошо?
Тие што се на власт, во своите говори го користат идното неопределено време, како небаре да се во опозиција и како да немаа досега доволно време да покажат што знаат и умеат. Почитувани господа, проверете си ги контата во банките и ќе видите дека во изминативе 7 години сте биле на власт и ако сакате да ја добиете довербата на граѓаните треба да зборувате во минато време и да објасните што сте направиле за да биде подобро, а не да го употребувате зборот „ќе“, како што сега милувате.
Опозицијата, пак, од уста не ја вади борбата против корупцијата. Извините, но ние имаме повеќе од 7 години и фала богу, бевме живи и здрави (во тој период навистина беше голема среќа да останеш здрав и жив) кога 11 години оваа држава ја сметавте за лична прчија на двајца братучеди, а вие кои сега ќе ја спасувате Македонија бевте пресреќни ако ве повикаат да им ги чистите чевлите па со тоа да добиете и по некој бакшиш и така бакшиш по бакшиш да станете милионери. Вие ли ќе се борите против корупцијата? Или што би рекле нашите северни соседи: „Ко о чему к… о поштењу“.
И така, наоѓајќи се помеѓу чеканот и наковалната, неопределениот, непартиски гласач кој досега редовно бил главниот егзекутор на постизборната волја на нацијата нема избор за кого да го даде својот глас во кампања која од другите се разликува по тоа што и двата мејнстрим политички субјекти во земјава ја водат првенствено негативно, обвинувајќи ги оние од спротивниот табор за сенешто. Од друга страна, и едните и другите немаат што да им понудат на граѓаните освен веќе одамна чуените флоскули за подобро утре, борбата со корупцијата и криминалот, повторно враќање на националната гордост (како некогаш да сме ја имале), светлата европска иднина итн. Тие се веќе одамна прочитана книга за која ни се темни пред очите кога на секои четири години треба повторно да ја отвораме.
Граѓаните сакаат свежи, чисти, нови идеи за тоа како да се извлече државава од ќорсокакот во кој ја вметнаа главните политички чинители во последниве 17 години. И тука доаѓаме до можеби најопасниот момент на овие избори, бирајќи помеѓу магарето и змијата, гласачите да се свртат кон волкот скриен во јагнешка кожа и гласот да го дадат за оние што, декларирајќи се за левичари, ги застапуваат постулатите на крајната десница и тоа не само по физичкиот изглед (црни кошули) и насилното однесување (кршење на компјутери и инвентар во Собранието) туку и по доктрината и заканите за тоа што тие би правеле доколку дојдат на власт. Нивната провениенција е националсоцијалистичка. Периодот на криза на државата во која сега се наоѓа Македонија е плодна почва за ваков тип квази идеолози (да не заборавиме дека и нацистите во Германија дојдоа на власт на избори), кои скриени зад лажната чистота на некорумпирани опозиционери што наводно се борат за правда, во даден момент целосно да ја свртат државата во погрешен правец на движење и да ја насочат кон Исток. Декларациите дадени од нивната претседателска кандидатка дека ќе ги поништува Охридскиот, Преспанскиот и Договорот за добрососедство со Бугарија, кај секој гласач што барем малку сочувал дел од својот систем за расудување автономен и неконтаминиран ќе ја запали црвената сијаличка и нема ни да помислува својот глас да го даде за оваа политичка партија која преку своето учество во власта ќе води политики кои се неприродни и туѓи, ставајќи ја Македонија во групи на земји на кои не им припаѓаме и против кои се бориме.
Најголем парадокс на овие избори, освен учеството на граѓаните во изборниот процес, ќе биде борбата помеѓу актуелниот претседател на републиката кој иако својата функција ја вршеше „by the book“ или баш како што треба, се натпреварува со кандидатка што не знае каде се наоѓа и не верувам дека ќе има капацитет да ја извршува функцијата цел мандат. Но, во политиката важи едно правило, а тоа е: Не е важно дали си квалитетен, убав (читај харизматичен) и способен, туку важно е да си на правото место во правото време.
Несреќата на Македонија е во тоа што на овие избори, на право место и во право време се најдоа погрешни луѓе што немаат капацитет да водат месна задница, а не пак држава.

(Авторот е адвокат)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот