Фото: Слободен печат

Багери влегоа кај Универзална сала, можеби конечно ќе продолжи изградбата откако цела година ништо не се работи

Од Министерството за култура, кое треба да ја изгради салата, засега нема никакви информации дека нешто ќе се работи, но министерот Зоран Љутков неколкупати есента посочи дека за да продолжи изградбата, потребно е, меѓу другото, најпрво да се донесат измените на Законот за култура, што е завршено уште во декември минатата година.

По четири месеци откако се донесоа измените на Законот за култура и на речиси толку време пред локалните избори, повторно се отвори вратата на лимената ограда околу Универзална сала и на просторот се донесени багери. Дали тоа значи дека конечно ќе продолжат работите на реконструкција на салата, од која по пожарот е останата уште металната конструкција, ќе се види во наредните денови.

Од Министерството за култура, кое треба да ја изгради салата, засега нема никакви информации дека нешто ќе се работи, но министерот Зоран Љутков неколкупати есента посочи дека за да продолжи изградбата потребно е, меѓу другото, најпрво да се донесат законските измени, за активностите да се одвиваат по правила и прописи. Министерот исто така, вети дека скопјани повторно ќе ја имаат Универзална сала во 2028 година, значи за три години од сега.

Култната сала е затворена за настани речиси една деценија, а нејзината реконструкција почна пред речиси четири години во мандатот на градоначалникот Петре Шилегов. Оттогаш досега изградбата се одвива по принципот „тргни-застани“ и работите до никаде не се стигнати.

Најпрво, изградбата ја запре градоначалничката Данела Арсовска, која тврдеше дека има грешки во проектот. По подолг застој, договори, преговори и противења, советниците во Советот на Град Скопје дадоа зелено светло изградбата да ја продолжи Министерството за култура, предавајќи ја салата во привремена надлежност на Министерството. Месеци изминаа за потребната документација да стигне од Арсовска до тогашната министерка за култура Бисера Костадиновска Стојчевска и конечно во февруари 2024 година реконструкцијата продолжи, па беше поставена и нова железна купола, а само два месеца подоцна пожар го пеплоса сето изградено, освен металните конструкции, по што работите запреа, сѐ до денеска.

Фото: Слободен печат

Министерот Љутков, кој дојде на чело на Министерството после Костадиновска Стојчевска, информира дека ја запрел изградбата затоа што претходно се работело незаконски.

Ова што е направено досега е незаконски и нелегално, подложи на кривични пријави. Ние ќе го запреме ваквото дивеење и незаконско работење, ќе ја вратиме постапката и на најтранспарентен и на најлегален начин Скопје ќе биде Европската престолнина на културата со нова Универзална сала и ќе се гордее со неа затоа што ќе биде изработена законски – истакна Љутков.

Поранешната министерка дури заработи и кривична пријава, како што извести МВР за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.

Во меѓувреме, Љутков тврдеше дека работата со реконструкцијата е запрена само на терен, но дека се работи на неколку постапки што ќе овозможат изградбата да продолжи.

Заплеткана е многу таа постапка со Универзална сала и ќе мора да бидеме крајно внимателни кога преземаме некои обврски од минатото што не се баш законски и легални. И не сакам да се случи нешто како во Србија за еден објект што е реконструиран. Сепак, не се работи за нова градба, станува збор за реконструкција и треба да бидеме екстремно внимателни во тоа што преземаме и како ќе ги водиме понатаму постапките – изјави Љутков на прес-конференција на крајот на минатата година.

Според него, не треба да се брза затоа што брзањето може да донесе нешто што никој не сака да се случи, па затоа, како што рече, „подобро да трае малку подолго, но да имаме објект што ќе биде здрав и легално донесен“. Но и тогаш не прецизираше кога би продолжила изградбата и кога Универзална сала повторно би ги отворила вратите за посетителите.

По една година од пожарот, багери повторно влегоа во градилиштето. Засега нема одговор дали продолжува реконструкцијата или само се подготвува потребната механизација.

Поранешната министерка контра актуелниот министер: Ќе ја одглават ли законските измени реконструкцијата на Универзална сала?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот