Азир Алиу - министер за информатичко општество и администрација / Фото: „Слободен печат“ / Драган Митрески

Азир Алиу е предлогот за нов министер за здравство, Арбен Фетаи влегува во претседателството на „Вреди“

Вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денеска пред почетокот на Централното претседателство на „Вреди“, најави дека на вечерашната седница Арбен Фетаи ќе биде вклучен во раководството на коалицијата и ќе остане вицепремиер за добро владеење, додека Азир Алиу ќе биде нивен предлог за нов министер за здравство, по оставката на Арбен Таравари и неговата одлука да замине во опозиција.

– „Вреди“ е комплетирана, вечерва ќе се кооптираат и 10 членови од Алијанса на Албанците на чело со Арбен Фетаи во претседателството на „Вреди“. Исто така е дефинирано тие да бидат дел од претседателството на „Вреди“, значи да ја тераме битката за локалните избори, битката за новата победа. Воедно, Фетаи останува вицепремиер за добро владеење, додека предлог од „Вреди“ е Азир Алиу да биде министер за здравство. За другите позиции во Владата, „Вреди“ ќе одлучи во наредните денови и ќе бидете навремено информирани – рече Меџити.

Тој вели дека нивниот предлог за министер за здравство деновиве ќе го поднесат до премиерот Христијан Мицкоски.

– Имаме разговарано, деновиве ќе го предложиме и официјално – рече Меџити на новинарското прашање дали досега е разговарано со претседателот на Владата за тој предлог.

Азир Алиу е поранешен министер за информатичко општество и администрација и е дел од структурите на крилото на Алијанса за Албанците на Таравари кои остануваат во коалицијата „Вреди“.

Претходно денеска од „Вреди“ преку соопштение ја поздравија одлуката на членовите на АА кои избрале да им се приклучат оценувајќи ја како чин на граѓанска одговорност, вреден придонес во процесот на длабока трансформација кој, се наведува, заедно го започнале.

– Во време кога личните интереси и пазарењето зад затворени врати се обидуваа да ја деформираат волјата на 107.000 албански гласачи, овие претставници покажаа дека политичкиот интегритет не може да се купи или отуѓи. Пратеници, министри, директори, високи партиски функционери, раководители на ограноци, раководители на младински форуми и женски форуми, активисти од сите региони јасно и недвосмислено артикулираат дека не се со кланот и планот на Али Ахмети, туку со граѓаните, со надежта и со проектот за промени, стои во соопштението… Започнавме неповратен процес за да донесеме надеж таму каде што беше згасната, да им дадеме глас на оние кои беа игнорирани и да ја вратиме државата во служба на граѓанинот. Добредојдовте во заедничкиот дом на промените – стои во соопштението.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот