
Австрија по трагедијата во Грац: Кога слободата станува ризик
Австрија се соочува со сериозни системски слабости во контролата на поседувањето оружје, што овозможува лесна злоупотреба, а актуелниот либерален пристап повеќе не ги задоволува безбедносните потреби. Потребна е храбра и рационална интервенција, која ќе го ограничи пристапот до оружје, ќе засили контролите и ќе ја промени јавната перцепција за оружјето како закана, а не како средство за лична сигурност.
Инцидентот во Грац, каде што млад вооружен напаѓач изврши масовно убиство во училиште, отвори стара, но горлива дебата. Колку безбедносниот систем на Австрија реално штити од злоупотреба на огнено оружје? И дали либералниот пристап кон оруженото право, кој досега важеше за компромис меѓу индивидуалните слободи и јавната безбедност, не покажува веќе сериозни пукнатини?
Препорачано
Иако барањата за целосна забрана на оружје за приватни лица, како онаа од градоначалничката Елке Кар се чинат драстични, не се без поддршка во јавноста, особено по трагедии од ваков карактер.
Сепак, австриската влада реагира со воздржаност. Очекувано, политичките партии не сакаат веднаш да ја политизираат трагедијата, па затоа дебатитe се водaт под изговор на „планирани мерки“ на советот безбедност.
Но, токму ваквата воздржаност ја отсликува клучната слабост на актуелната политика, недостиг на проактивна визија за справување со проблемот на лесна достапност до оружје.
Со бројка од повеќе од 375.000 легални сопственици на оружје, Австрија не само што се истакнува во европски рамки, туку станува пример за држава каде што цивилната вооруженост е во пораст. Но, зошто? Дали ваквиот тренд укажува на растечко чувство на несигурност меѓу граѓаните, или, пак, станува збор за општествен процес во кој поседувањето оружје сè повеќе се прифаќа како нешто нормално и оправдано?
Системски пропусти и регулативни празнини
Најзагрижувачкиот елемент е фактот дека постојат реални правни дупки, кои овозможуваат оружје да дојде во раце на лица со активни забрани. Клучен пример е случајот од 2024 година, кога сторител со забрана за поседување оружје успеал да купи оружје од приватен продавач целосно легално. Тоа е системска грешка, која бара итно затворање на правните дупки преку забрана на приватни трансакции без посредство на проверени институции.
Психолошките тестирања за добивање оружје се формално постоечки, но нивниот реален ефект e спорен. Со само 5% одбиени апликанти, останува прашањето колку темелно се прави процената, особено во контекст на млади лица на возраст од 21 година, како во трагичниот случај во Грац.
Политичкиот дискурс околу поседувањето оружје е јасно разграничен, но не и сложен за разбирање. Партиските позиции остануваат предвидливи. Зелените, доследни на својата политичка платформа, бараат поригорозни ограничувања и системски надзор, додека OBП продолжува да го брани постојниот правен поредок, прикажувајќи ги најавените измени како чиста симболика, која нема реално влијание врз спречување трагедии. Но, токму во таа наводна „симболика“ се крие суштината.
Законските регулативи не се само технички инструменти, тие имаат и вредносна, културна димензија. Тие праќаат порака за тоа што како општество прифаќаме, толерираме или одбиваме. Прашањето не е само дали овие мерки се ефикасни во превенција, туку и каква слика градиме за тоа што е прифатливо, очекувано и општествено легитимно. Дали сакаме да бидеме општество во кое оружјето е присутно во сечие домаќинство, рационализирано преку лична безбедност или традиција, Или, пак, општество што јасно го ограничува пристапот до оружје, сведувајќи го на строго регулиран исклучок резервиран за лов, спорт и професионална употреба под контрола на институциите?
Потребна е смела, но рационална интервенција
Овој момент бара политичка храброст што се манифестира не само преку донесување конкретни мерки, туку и преку темелна промена на јавната перцепција за оружјето. Тоа не треба да се гледа како средство за лична сигурност, туку како потенцијална закана за колективната безбедност. Потребно е да се заострат законските прописи, да се засилат контролите и психолошките прегледи на лицата што поседуваат оружје, како и да се воведе континуирана едукација за ризиците поврзани со неговото поседување. Од суштинско значење е и политичката решеност да се намали, а не да се поттикнува културата на вооруженост во општеството. И најважно од сè, дебатата за оружјето не смее да се активира само по трагични настани, туку мора да биде постојан и неделив дел од безбедносната и вредносната политика на секое сериозно демократско општество, со цел да се создаде општество кое вреднува мир и безбедност пред личната вооруженост.
Ван дер Белен: Темелна истрага и преиспитување на законите
Претседателот на Австрија, Александар ван дер Белен, вчера на комеморацијата за жртвите од масакрот во средното училиште во Грац, со длабока тага истакна дека никој не можел да замисли дека ваков ужас може да се случи во Австрија.
– Вакво нешто досега никогаш не се случило во нашата земја. Ден по трагедијата, ние сè уште не можеме да ја сфатиме големината на ужасот што се случи во срцето на нашата татковина – рече тој и во своето обраќање подвлече дека девет деца и една наставничка биле брутално убиени само неколку минути пред крајот на школскиот ден.
Ван дер Белен исто така нагласи дека политичките власти мора да ги истражат сите околности поврзани со нападот, со цел да се спречат слични настани во иднина.
– Ако утврдиме дека законите за оружје треба да се променат, тоа ќе го направиме – додаде претседателот, за што доби и силен аплауз од присутните.
Градоначалничката на Грац, Елке Кар, изјави дека во следните денови и недели целата заедница ќе биде обединета и ќе им помага на погодените семејства и на целото општество. Таа се заблагодари на сите наставници и спасувачи, кои веднаш интервенираа и најави голема комеморација што ќе се одржи на 15 јуни.
Во очекување е детална истрага за целата трагедија, а училиштето ќе остане затворено неколку денови. Грац и целата Австрија остануваат обединети во болката и солидарноста, со силна надеж дека ваквите настани нема повторно да се случат.
Сведоштва на преживеаните ученици
Во рамките на трагичните настани, една ученичка од средното училиште, која присуствуваше на комеморацијата, ја раскажа својата лична приказна од денот на нападот. Таа опиша како вообичаениот училиштен ден бил прекинат од силен шум, кој наликувал како спроведување градежни активности, но брзо сфатиле дека нешто многу сериозно се случува.
– Бевме најстари во училиштето, седми клас. Им помагавме на помладите да излезат на безбедно. Во спортската сала на училиштето имаше часови на неизвесност и страв. Многумина немаа мобилни, немавме никакви информации. Имаше плач и паника, но и голем сплотеност – рече таа со емотивен глас. Споменувајќи ги моментите кога полицијата ги водела учениците надвор, таа рече: „Никогаш нема да го заборавам моментот кога видов полицајки како плачат. Тогаш сфатив што се случило.“
Таа ја изрази својата тага за родителите на загинатите ученици и рече дека и нејзиниот брат близнак загубил еден пријател во нападот.
– Ние ги носиме овие приказни во себе, но нема да дозволиме овој ден да нè уништи. Нашиот одговор на ужасот е љубов, сплотеност и надеж. Омразата нема место тука, ниту во нашето училиште, ниту во Грац, ниту во нашите срца – подвлече таа.
Братот на една од жртвите, кој ја загуби својата 15-годишна сестра, со солзи во очите зборуваше за неизмерната болка и неверувањето во ужасот што го доживеа.
На телевизиското интервју на ЦИБ2, заменик-директорот на училиштето Норберт Урабл опиша како се справувале со хаосот и стравот по нападот.
Тој рече дека во првите моменти не било јасно што се случува, додека не се слушнале неколку истрели еден по друг. Наставниците веднаш реагирале и ја повикале полицијата. Учениците ги затвориле вратите и се скриле во безбедни делови од училиштето. Норберт Урабл изрази надеж дека во иднина ќе има поголема свест и поддршка за проблемот на малтретирање и насилство.
Бернхард Трајбенрејф, шеф на Службата за специјални единици, во емисијата истакна дека иако сегашниот закон за оружје е модерен и се почитува, е сосема оправдано политиката да ја преиспита оваа област. Тој посочи дека не само оружје, туку и други средства како автомобили или остри предмети може да бидат користени за масакри, но полицијата се труди да биде подготвена за брза интервенција. Нападот траел кратко, а напаѓачот бил пронајден мртов на местото на злосторството.