Австралиската новинарка Антоанет Латуф/Фото: Alexander Bogatyrev / Zuma Press / Profimedia

Австралиска новинарка доби над 100.000 евра отштета откако беше отпуштена поради ставовите за Газа

Австралискиот суд му наложи на јавниот радиодифузен сервис (ABC) да исплати дополнителна отштета на радиопродуцентка што ја отпушти поради известување за војната во Газа, пишува Скај њуз, Австралија.

Еј-би-си ја отпушти радио продуцентката Антоанет Латуф во декември 2023 година поради нејзините политички ставови, по интервенцијата на произраелските групи, пресуди судот претходно оваа година.

Причина за отказот е што новинарката на својот инстаграм-профил повторно објави видео од невладината организација „Хјуман рајтс воч“ (ХРВ) за војната во Газа, со коментар „ХРВ ја осудува употребата на глад како оружје на војната“.

Федералниот судија Дарил Рангија денес ѝ додели на Латуф 84.000 евра отштета, откако претходно во јуни Еј-би-си веќе исплати приближно 39.000 евра. Новата отштета мора да ѝ се исплати на новинарката во рок од 28 дена, а судијата објасни дека ја досудил за да се осигури дека „Еј-би-си ја научиле лекцијата“.

Еј-би-си, исто така, јавно ѝ се извини на Латуф, нагласувајќи дека ги разочарала и своите вработени и јавноста.

„Еј-би-си длабоко ја разочара австралиската јавност кога ги предаде правата на своите вработени (…) за да го смири лобито“, рече Рангија.

„Казната не е важна, за мене никогаш не стануваше збор за пари, туку за одговорност и кредибилитет на информациите што ни ги обезбедува нашиот јавен радиодифузер“, напиша Латуф на социјалните медиуми во вторникот.

Главниот извршен директор на Еј-би-си, Хју Маркс, рече: „Го сфаќаме ова прашање сериозно (…) мора да се справиме подобро“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот