
Австралија: Абориџините се жртви на геноцид од европските доселеници
Пред австралискиот парламент вчера беше презентиран извештај кој фрла светлина врз темно поглавје во историјата на земјата, геноцидот врз абориџинскиот народ од страна на европските доселеници.
Препорачано
Според истрагата, спроведена од комисија во државата Викторија, европскиот колонијализам довел до масовни убиства, болести, сексуално насилство, киднапирање деца и политики на асимилација што резултирале со „скоро целосно уништување“ на домородното население во регионот.
Комисијата заклучува дека ова е геноцид.
Меѓу препораките на комисијата се финансиска компензација за абориџинските луѓе за злосторства во минатото, како и враќање на земјата на нивните предци.
Премиерката на Викторија, Џасинда Алан, ѝ се заблагодари на комисијата и вети дека владата внимателно ќе ги разгледа препораките, истакнувајќи дека овие заклучоци „ја осветлуваат суровата вистина и ги поставуваат темелите за подобра иднина за сите жители на државата“.
Кога европските доселеници пристигнале во Австралија во 1788 година, абориџинското население броело околу половина милион, но сега тие сочинуваат само 3,8% од населението на Австралија (26 милиони).
Австралија долго време се бори да го намали јазот во здравјето и благосостојбата помеѓу домородното население и остатокот од населението.
Абориџините имаат очекуван животен век за околу осум години помал од националниот просек, а процентот на домородно население во затворите се зголемува.
„Сегашните економски нееднаквости и пречките за просперитетот на Првите Нации се директно наследство од колонијалните практики и исклучувањето наметнато од државата“, нагласува комитетот во извештајот.