Илустрација / Фото: Needpix

Астрономите открија квазимесечина што орбитира околу Земјата со децении

Астрономите идентификуваа нова квазимесечина во близина на Земјата – мал астероид наречен „2025 PN7“, кој орбитира околу Сонцето, но останува гравитациски поврзан со нашата планета. Според податоците објавени во новото истражување, објектот е во орбита слична на Земјината веќе околу 60 години, но поради неговата мала големина и слабиот сјај, останал незабележан од телескопите сѐ до сега.

Астероидот „2025 PN7“ е мала вселенска карпа која се движи по речиси истата патека околу Сонцето како и Земјата. Како и Земјата, тој орбитира околу Сонцето за една година, а во најблискиот премин се приближува на околу 299.000 километри, што е нешто поблиску од просечното растојание до Месечината.

Квазимесечините се разликуваат од привремените „мини месечини“, како што е астероидот „2024 PT5“, кој за кратко ја орбитираше Земјата во 2024 година. За разлика од нив, квазимесечините подолго остануваат во резонантна орбита со нашата планета, пишува „Си-ен-ен“.

Дијаметарот на новооткриената квазимесечина „2025 PN7“ се проценува на околу 30 метри, а можеби е и помал, само 19 метри. Со тоа, тој стана најмалата позната квазимесечина во близина на Земјата. Објектот бил забележан на 29 август од инструментите на опсерваторијата „Пан-СТАРРС“ на хавајскиот вулкан Халеакала. Анализата на архивските податоци покажала дека тој е во орбита слична на Земјината веќе неколку децении.

„Може да се открие само кога ќе се приближи доволно до нашата планета, како што беше случајот ова лето. Неговите ‘прозорци за видливост’ се ретки и краткотрајни, што го прави предизвик за набљудување“, објаснил Карлос де ла Фуенте Маркос од Универзитетот Комплутенсе во Мадрид, автор на истражувањето објавено на 2 септември во списанието „Рисрч ноутс оф ААС“.

Со текот на времето, „2025 PN7“ ја менува формата на својата патека – од речиси кружна орбита блиска до Земјата преминува во т.н. орбита во форма на потковица, во која може да одлета и до 297 милиони километри од нас. Во ваква орбита би можел да остане уште околу 60 години, пред гравитацијата на Сонцето повторно да го оддалечи.

Неговиот состав сè уште не е познат, но научниците претпоставуваат дека станува збор за природно, карпесто тело, а не за вселенски отпад. Постои и можност, како квазимесечината „Kamoʻoalewa“, да е фрагмент настанат од удар на нашиот Месечина. Де ла Фуенте Маркос, пак, верува дека би можел да потекнува од групата на т.н. астероиди „Arjuna“, мали небесни тела со орбити многу слични на Земјината.

Иако неговата патека минува блиску до Земјата, „2025 PN7“ не претставува опасност од удар. Напротив, ваквите објекти нудат вреден увид во историјата на Сончевиот Систем и можат да послужат како достапни цели за роботски мисии.

Кина веќе планира таква мисија – нејзиниот „Tianwen-2“ до 2027 година треба да донесе примероци од квазимесечината „Kamoʻoalewa“.

„Овие астероиди се релативно лесни за достигнување и претставуваат одлични цели за тестирање на нови технологии за планетарно истражување со умерени инвестиции“, нагласува Де ла Фуенте Маркос.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот