Фото: Принтскрин

Арсовска: Според документите на Ганиу, 11-годишно момче ја изградило 12-катницата во Чаир

Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска денеска на прес-конференција изјави дека во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Град Скопје поднел документи со 20 случаи за незаконски легализации на дивоградби во Општина Чаир и додаде дека според документите на градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, 12-катницата што последно ја посочи како незаконска била изградена од 11-годишно дете.

Арсовска, рече дека станува збор за згради – дивоградби во оваа општина, со што буџетот на граѓаните е оштетен за 225 милиони евра.

Со оглед на тоа што Законот за легализација се применува за објекти не понови од 2011 година, Арсовска објави сателитски снимки набавени од Агенцијата за катастар во 2017 година, на кои, како што рече, ја нема 12-катницата за која неодамна обвини дека е дивоградба. Магично, вели Арсовска, во втората половина на 2023 година отпочнува плоча, што станува зграда на 12 ката во 2024 година.

Градоначалникот Висар Ганиу, според Арсовска, се обидел да ги убеди дека сè е легално.

„Оваа зграда, изградена во 2024 година, ја аплицирал со свое барање извесен Беким Аземи, кој што е брат на претходниот 15-годишен иноватор, Бујар Аземи. Иновацијата е што Беким Аземи е најмладиот претприемач во Македонија во изминатото столетие. Тој, според документацијата што ни ја презентира Висар Ганиу, односно лаже Ганиу, ја изградил оваа зграда во 2010 година кога имал само 11 години со 1 милион евра, а на 12 години своерачно поднел барање за легализација. Затоа и не е чудо што сме четврта најјака економија во Европа, затоа што нашите млади уште од 12 години градат згради во Чаир градат згради и аплицираат за варање и стануваат милионери“, изјави Арсовска.

Градоначалничката обвини и дека Висар Ганиу во три години има направено повеќе дивоградби од сите општини заедно што имаат предмети. Ако сите скопски општини имаат стотина предмети, Висар Ганиу има 13 илјади предмети, што сам го има лично кажано, рече Арсовска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот