
Арсовска: ЈСП работи поконсолидирано од кога било, Владата да одговори зошто уште нема набавка на нови автобуси
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска денеска од говорницата во Советот на градот постави прашање до советниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ зошто тие „30 пати во три и пол години не изгласале набавка на нови автобуси и зошто Владата уште ги нема набавено 120-те нови автобуси кои беа најавени од мај“.
Препорачано
„Тоа што во изминативе три и пол место да терате инат со цел град, со овие луѓе надвор кои на 40 степени чекаат нови автобуси коишто над 30 пати како одлука ви беа ставени на гласање и не ги гласавте, тоа треба да појасните вие зашто. Рековте во мај дека ќе има нови автобуси, а еве веќе септември е, а нема автобуси, и тоа треба да објасните зошто“, рече Арсовска.
Во однос на ЈСП, градоначалничката рече дека претпријатието работи „поконсолидирано од кога било“, а за паркираните автобуси кои се расипани и со години не се во функција, Арсовска изјави дека за тие автобуси нема ниту достапни резервни делови, ниту нивно производство.
„Сомнителни набавки нити имало, нити ќе има. Ревизии поминале и утврдиле дека тоа претпријатие во рамки на своите можности работи поконсолидирано од кога било. Тие автобуси за кои зборувате се паркирани од 2017 година и не се поправаат бидејќи некој набавил автобуси за кои нема резервни делови, ниту има производство“, додаде таа.