Стеван Смилевски Кокан и Валентино Константиновски / Фотографија: Јане Темелковски

Архитектот Стеван Смилевски Кокан ја доби наградата за животно дело „Андреја Дамјанов“ за 2024 година

Асоцијацијата на архитекти на Македонија на 3 јули во ликовниот салон на МАНУ ја додели наградата за животно дело од областа на архитектурата и градителството „Андреја Дамјанов“ за 2024 година на архитектот Стеван Смилевски Кокан.

Наградата „Андреја Дамјанов“, која Асоцијацијата на архитекти на Македонија ја доделува веќе 35 години, претставува круна во творештвото на архитектите и оддава признание за особени достигнувања и личен придонес во областа на архитектурата и градителството. Добитникот на наградата „Андреја Дамјанов“ за 2024 година, архитект Стеван Смилевски Кокан, во текот на својата професионална ангажираност во областа на архитектурата изработил сам или со соработници и тимови преку 20 конкурсни елаборати и повеќе од 100 проекти.

На свеченото доделување на наградата во ликовниот салон на МАНУ, претседателот на комисијата што одлучуваше за наградата Здравко Рафаиловски истакна дека наградата е доделена едногласно. Наградата на лауреатот му ја врачи Валентино Константиновски, претседател на Асоцијацијата на архитекти на Македонија.

Поздравен говор за лауреатот одржа архитект Билјана Филиповска, која ги истакна трите пасии во животот на Стеван Смилевски Кокан, а тоа се фотографијата, која во неговите проекти се појавува преку играта на светлината и темнината, музиката, која се огледува во ритмиката на уредувањето на ентериерите, и архитектурата, како повик на кој му го посветува целиот живот.

Стеван Смилевски Кокан и Валентино Константиновски / Фотографија: Јане Темелковски

Архитект Стеван Смилевски е роден на 27 август 1948 година во Скопје, каде што завршил основно и средно образование во гимназијата „Јосип Броз Тито“. За време на школувањето партиципирал во различни секции во училиштето, пионерскиот дом „Карпош“, аероклубот во рамки на кои се стекнал со познавање на политехнички вештини, моделарство, изработка на макети, рачна обработка на дрво, пластика и метал.

На Архитектонскиот факултет при УКИМ во Скопје дипломирал во 1977 година под менторство на професорот Александар Никољски. Првото вработување како самостоен проектант го има во „Пелагонија проект“ во 1978 година. Во периодот од 1982 до 1983 посетува постдипломски студии на Архитектонскиот факултет во Белград.

Уште за време на студиите е дел од конкурсната група „Ајвар“, а откако групата прераснала во фирма за проектирање, консалтинг и инженеринг „Ателје Ајвар“, тој ја завршува работата во „Пелагонија проект“ и продолжува да работи како проектант-партнер во „Ателје Ајвар“.

Во 1996 година на повик на сопственикот на фирмата преминува во „УПА Ентерпрајз“, каде што во рок од три години изработил неколку значајни архитектонски проекти. По завршетокот на работата во таа фирма основа сопствено биро за реализација на проекти за ентериери и индивидуални станбени објекти.

Од 1998 година до пензионирањето работи во фирмата „Медиа маркет“ како самостоен проектант. За време на својот професионален ангажман бил активно вклучен во работата на Сојузот на архитектите на Македонија. За својата работа има добиено голем број награди и признанија, како и повеќе откупи на архитектонски конкурси.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 288, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 5-6.7.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот