
Апелација со повисоки казни за дел од обвинетите за Ласкарци – сопственикот на „Дурмо турс“ треба да оди 10 години затвор
Апелациониот суд им ги зголеми казните на обвинетите за трагедијата што се случи во 2019 година кај Ласкарци кога загинаа 16 патници во неисправен автобус на „Дурмо турс“.
Препорачано
За разлика од пресудата на Кривичниот суд кој ги осуди на пониски казни сопственикот на „Дурмо турс“ Дурмиш Белули, а највисока затворска казна доби возачот на автобусот Маноил Трифуновски, Апелација го осуди сопственикот на десет години затвор, а на возачот му изрече иста затворска казна.
Апелација ги одби жалбите на обвинетите како неосновани, додека делумно ја уважи жалбата на скопското обвинителство.
Па така Белули и шефот на возниот парк на „Дурмо турс“ Ремзи Мифтари се осудени на по десет години затвор, а претходно Белули беше осуден на четири години затвор, а Мифтари на шест години затвор.
Вработените во техничкиот центар на „Дурмо турс“ Игор Ѓорѓиевски и Горан Дуковски според одлуката за Апелација се осудени на седум години затвор, кои претходно беа осудени на по пет години затвор. Единствено неизменети остануваат затворските казни за возачот Маноил Трифуновски и Јане Бобаровски кои добија затворски казни од 14, односно пет години затвор.
-Истовремено под став II од одлуката, со решение се уважени жалбите на оштетените по однос на решението за трошоци кое овој суд го укина и предметот во тој дел го врати на повторно постапување пред првостепениот суд. Жалбите на оштетените по однос на одлуката за имотно правно барање ги отфрли како недозволени, согласно член 411 став 4 од Законот за кривична постапка – соопшти Апелација.
Несреќата кај Ласкарци беше една од првите трагедии кога автобусот на „Дурмо турс“ изгуби контрола и падна во дупка покрај автопат. Според обвинението, сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, своите автобуси ги прегледувал во станица за технички преглед која е во негова сопственост. Законот тоа му го дозволувал оти биле различни правни субјекти, иако фирмите имале ист сопственик.
На техничкиот преглед пред несреќата било утврдено дека сопирачките на автобусот функционираат делумно. Оваа пресуда е правосилна и обвинетите треба да одат на издржување на затворската казна.