Бојан Јовановски/Боки13 Фото: Принтскрин

Апелација ја објави одлуката за Боки 13 – Отстранети му биле 90 отсто од желудникот и нема гаранција дека би преживеал уште една операција

Бојан Јовановски познат во јавноста како Боки 13 го делеле неколку минути од сигурна смрт и доколку се случи нова компликација и ако повторно се прави операција, исходот би бил ризичен, комплициран, неизвесен и може да настанат смртоносни последици, навеле лекарите во медицинското-конзилијарно стручно мислење на кое се повикува Апелациониот суд, односно советот составен од судиите Ѓоко Ристов и Зоран Димитриевски на чело со судијката Лидија Зимбовска, кои му ја намалија затворската казна од девет на пет години за случајот „Рекет“.

Одлуката била донесена на 27 февруари и на 27 страници се објаснува здравствената состојба на Јовановски со извештаи од Универзитетски клиники и од градската болница „Свети Наум Охридски“. Јовановски беше опериран во 2023 година кога му беа извадени 90 проценти од желудникот и дел од тенките црева.

Тогаш, како што стои во одлуката на Апелација, којашто беше објавена денеска, му бил спасен животот, а компликациите му се појавија по операција во Турција за стеснување на желудникот.

Последното конзилијарно мислење е во септември минатата година.

-Состојбата кај пациентот е влошена и истата е со негативен тренд што е со видлива манифестација преку нагло губење на килограми, малаксаност, болки и повеќекратни повраќања во тек на ден и од тие причини кај пациентот е зголемен терапискиот третман при што и натаму е потребно два пати седмично да прима инфузиона и ампуларна терапија амбулантски во клиниката. Во насока на историјата на болеста на пациентот, крајно важно е истиот да биде под континуирана медицинска контрола и следење на состојбата бидејќи кај истиот е настапен траен и доживотен инвалидитет. Согласно настапениот инвалидитет, карактерот, степенот и сериозноста на болеста потребно е пациентот лекувањето да го продолжи во домашни услови бидејќи постојат високи ризик фактори за појава на компликации кои се од животно – загрозувачки карактер. Потребно е пациентот да продолжи со строга примена на хигиено – диететскиот режим со консумирање на 8 -10 мали оброци свежо приготвени од дозволени намирници согласно медицинскиот протокол за болни – стои во мислењето.

Направени му биле четири операции

Оттаму констатираат дека Јовановски не може лекувањето да го продолжи во затворски услови за да нема компликации кои може да завршат фатално.

-Значајно битно е пациентот комплетно да ги применува препорачаните медицински протоколи и процедури опишани во ова конзилијарно стручно мислење за да не дојде до појава на нови компликации кои може да бидат со смртни последици по животот на пациентот, бидејќи намалена е можноста за ново хируршко интервенирање кај пациентот особено поради фактот што кај истиот досега се извршени четири оперативни зафати на желудник – пишува во мислењето.

Кривичниот совет на Апелација утврдила дека овие околности на кои се повикува Јовановски се нови и не постоеле кога се изрекувала претходната постапка, па на Јовановски му е изречена поблага затворска казна и прифатено е барањето на неговиот адвокат Владимир Туфегџиќ за преиначување на правосилната пресуда без повторување на постапката.

– Во контекст на сите овие околности, доведени во корелација и со околностите кои ги ценел судот при одмерувањето на видот и висината на казната, Кривичниот совет на овој суд утврди дека со изречената единствена казна затвор во траење од 5 – пет години, а по претходно утврдување на поединечните казни, доволно воспитно ќе се влијае врз осудениот, во иднина да не се јавува како сторител на вакви и слични кривични дела, а позитивно ќе се влијае и на планот на генералната превенција, со што ќе остварат целите на казнувањето, во смисла на член 32 од Кривичниот законик. Поради наведеното, Кривичниот совет на овој суд одлучи жалбата на осудениот изјавена преку бранителот да се уважи, обжаленото решение да се преиначи, на начин што правосилната пресуда на Основниот кривичен суд Скопје од 18.06.2020 година, потврдена со пресуда на овој суд од 05.07.2021 година, ја преиначи во делот на одлуката за кривичната санкција и осудениот Бојан Јовановски за предметните кривични дела, врз основа на цитираните законски одредби, го осуди на единствена казна затвор во траење од 5 – пет години, во која казна согласно член 47 од Кривичниот Законик, му се засметува и времето поминато во притвор сметано од 15.07.2019 година до започнување со издржување на казната затвор, како и досега издржаниот дел од казната затвор, а како во изреката на оваа одлука – се вели во одлуката.

Уште неколку месеци до слобода

Во декември минатата година Управата за јавни приходи изврши контрола на забава во дискотека во Штип, организирана од јутјуберот Стефан Лазаров и осудениот Јовановски-Боки 13 и утврдила дека тие без дозвола организираат наградна игра. Лазаров ги откажа наредните планирани настани, а Боки 13 на социјалните мрежи објави дека поради преживеан стрес се повлекува од, како што вели, неговото јавно појавување како гостин и промотивно лице на забавниот проект „Giveaway“, за кој рече дека е во организација на Стефан Лазаров.

Јовановски беше осуден на девет години затвор за „Рекет“, предмет за кој беше осуден заедно со поранешната специјална јавна обвинителка, Катица Јанева и Зоран Милевски Кичеец. Јовановски беше осуден за примање награда за противзаконито влијание и за перење пари односно дека земал 1,5 милиони евра од бизнисменот Орце Камчев со ветување дека ќе го спаси од кривичен прогон за случајот „Империја“ кој го водеше тогашното СЈО. Јанева има уште година и пол за издржување на седумгодишната затворска казна, а Јовановски уште неколку месеци со оглед на тоа што беше во затвор четири и пол години.

По последната одлука на Апелација, Јовановски може да бара и условен отпуст за преостанатите неколку месеци од казната.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот