Апасиев со тужба до Уставен – Ова ни е абер од Мицкоски преку неговиот подлизурко, следно е да ни ја забранат партијата

Претседателот на Левица, Димитар Апасиев, денеска до Уставниот суд поднесе тужба со времена мерка за стопирање на упатството за радиодифузерите за локалните избори 2025 година, кое го усвои Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизулени услуги, а според кое само „Левица“ нема да има можност за платено политичко рекламирање. Според него ова им е абер од премиерот Христијан Мицкоски преку директорот на АВМУ, Зоран Трајчевски.

– Оваа прес-конференција ја свикавме по повод скандалозното и досега невидено однесување на органите на власта спрема една парламентарна политичка партија Левица кога од сите парламентарни и вонпарламентарни партии само на една партија ѝ е забрането политичко претставување, односно платено рекламирање во приватните медиуми. Скандалот да биде уште поголем, не само што ни се забранети државните пари кои ни следуваат по закон, туку и доколку би имале наши пари, ние не би можеле да се рекламираме затоа што со едноставно неспомнување во четирите законски пакети ние сме изоставени комплетно како да не постоиме на политичката сцена. Ова е директна последица и пратен абер директно од премиерот преку неговиот подлизурко, Зоран Трајчевски, вечен директор на АВМУ, кои на овој начин се обидуваат да ги скратат крилјата на Левица, но сакаме да им порачаме дека ова нема да помине, напротив, ќе има обратен ефект на бумеранг бидејќи народот гледа како на една партија ѝ се прави класична неправда – рече Апасиев.

Тој побара од Уставниот суд веднаш да свика седница и уште денеска да се произнесе со времена мерка, од Собранието бара собранискиот спикер Африм Гаши веднаш да свика седница и да се смени Изборниот законик.

Според него, институциите го толкуваат Изборниот законик ригидно и не ја исполнуваат целта на законот сите партии да имаат можност да се рекламираат.

– Ова е нечеуно што ни го прават, следно најверојатно би било да ни ја забранат партијата со подзаконски акт да не може да учествува на изборите. Нема да спречите пролет, дури и да ги искинете сите кокичиња – порача Апасиев.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот