Апасиев -комисија/фото: Слободан Ѓуриќ/Слободен печат

Апасиев фрлил филџан кон пратеникот Ристески, откако добил закани од него

Во ходниците на Собранието денеска се случил инцидент меѓу лидерот на Левица Димитар Апасиев, и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Петар Ристески.

Како што објави Инфомакс, Ристески му се заканил на Апасиев поради тоа што Левица „многу зборувале за патните трошоци“, а Апасиев фрлил филџан кон него.

Ристески на Фејсбук напиша дека „се појавиле шпекулации за еден немил настан во Собранието“. Според него, настанот го предизвикал Апасиев и појасни дека дел од информациите објавени во медиумите не се точни.

– Не е првпат хистеричниот лидер на Левица да глуми жртва и да провоцира конфликтност физичка или вербална, сакајќи на тој начин да привлече внимание, нам ни преостанува или да ги игнорираме неговите лудувања или да одговориме соодветно по принципот на Среќна нова 49-та. Грешка е да му се одговори и да се падне на тоа негово ниво на однесување, посебно во светло на невротичност и шизофреност која е евидентна, кога се прави принципиелен коректен професор пред јавноста и зад камерите кога испливуваат неговите најмрачни страни – пишува Ристески.

Тој додава дека Апасиев почнува кавги по принципот „наведи на безбедно растојание, па мајка бежанија“, барајќи медиумско внимание.

– Токму затоа и неговата партија е бетонирана на 4.5 проценти рејтинг, како одличен спаринг-партнер на СДС и ДУИ, и токму затоа тој е драгоценост која мора да се негува и од тој аспект и кон него изразувам жалење за специфичната состојба во која овој лик се наоѓа и кој секој ден не пропушта да го руши угледот на институцијата. Сепак, наша улога како пратеници е да имаме конструктивен придонес во креирањето на политики и закони кои ќе овозможат развој и напредок на нашиот народ и држава, а вакви немили настани не дефокусираат од таа суштинска цел. Аман Димче, не плачи. Доста е – додаде пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.

Според изјавата на пратеникот Амар Мециновиќ од Левица за „Плусинфо“, причина за расправијата било објавувањето на извештајот за користење патни трошоци, во кој, како што рече, Ристески бил тотален рекордер.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот