
Анса: Околу 40 лица се спасени по експлозија на бензинска пумпа во Рим
Околу 40 лица беа спасени по денешната експлозија на бензинска пумпа во Рим, изјавија извори од противпожарната служба за Анса.
Препорачано
Според досегашните информации, ниту едно од 21 повредено лице не е во животна опасност, а само едно лице е сериозно повредено.
Силна експлозија се случи на бензинска пумпа на периферијата на Рим, а пожарот се случил кога пумпата на една од цистерните што носеле гориво на станицата се расипала.
Во тој момент, пожарникарите веќе биле на местото на настанот гаснејќи го пожарот на камион што се запалил, а меѓу повредените имало членови на противпожарната служба, како и неколку минувачи.
Противпожарните екипи сè уште не успеале да го стават пожарот под контрола. Причината за пожарот засега е непозната, а не може да се исклучи дека е предизвикан од истекување на гас, според Анса. Покрената е истрага што ќе ги утврди сите околности.
Експлозијата била толку силна што се слушнала во неколку делови од италијанската престолнина. Според очевидци, покривот на станицата се кренал 300 метри во воздух поради силата на експлозијата, а летале и парчиња стакло и железо, објави „Кориере“. На местото на експлозијата се издига висок столб од густ чад, кој е видлив од голем дел од градот. Пламените јазици оштетиле и неколку блиски згради, а го зафатиле и судското депо кое се наоѓа веднаш до бензинската пумпа.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони ја следи ситуацијата, а разговарала и со градоначалникот на Рим, Роберто Гвалтиери, според извори од нејзината канцеларија, објави „Анса“. Како што беше додадено, премиерката е во постојан контакт со надлежните служби, а со посебно внимание ги следи информациите за состојбата на повредените. Поради инцидентот беше затворена и метро станицата „Ц Теано“.