Петар Богојески / Фото: Фејсбук

Анкетниот лист на Богојески: Криптовалути од над милион евра, акции, девизна сметка во бугарска банка…

Директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Петар Богојески, пријавил висока вредност на криптовалути во својот анкетен лист до Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) – тој поседува 11 биткоини, за кои проценил дека моментално вредат 59.734.070 денари (нешто помалку од милион евра), како и 129 етериуми купени во Србија, вредни околу 125.000 евра, пишува „Фокус“.

Покрај криптовалутите, Богојески има и сметка во Бугарија, но нема информации за нејзината состојба. Во 2012 година купил стан со гаража во општина Карпош, со сегашна проценета вредност од 278.000 евра. Годинава во Ракотинци купил земјоделско земјиште вредно околу 26.000 евра. Исто така, минатата година набавил ново кинеско СУВ-возило „Фортинг T5EBO“ за 30.000 евра.

Според анкетниот лист, Богојески поседува 61% од компанијата ДТУ „Бегова Корија“ ДОО Скопје, која го стопанисува одморалиштето „Шула Мина“ во Крушево, со вкупна проценета вредност од 550.000 евра. Има и влог од 5.000 евра во компанијата „ВФП Фонд Менаџмент“.

Богојески пријавил и низа странски финансиски вложувања. Од 2020 година има влог од 50.000 евра во американски валутен фонд и животно осигурување вредно 15.000 евра. Осигурителни полиси имаат и неговата сопруга и деца, додека децата поседуваат акции во банка во основање во САД – иако не се наведуваат точни суми.

Тој има две девизни сметки (во евра и долари), два персонални сефа (еден во евра, друг во денари), како и девизна сметка во банка во Бугарија. Има и девизна готовина – наследена и стекната – во вредност од 120.000 евра. Во листата е вклучен и златен накит проценет на над 40.000 евра, како и икони со благородни метали вредни околу 20.000 евра. Платата што ја добива како директор на агенцијата изнесува 87.000 денари месечно, пишува „Фокус“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот