Фото: Профимедиа

„Анима Мунди“: Лисиците не се опасни и не напаѓаат луѓе, незнаењето не треба да биде храна за страв и отпор

Во последните неколку дена се појавија видеа за присуство на лисици во подножјето на Водно, во населбата Козле (мајка со малечки), како и на други места низ Скопје. Апелираме до граѓаните да не креваат паника – овие животни не се опасни и не напаѓаат луѓе, велат од Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“.

– Лисиците, како и многу други диви животни, сè почесто се приближуваат до урбаните средини поради загуба на природните живеалишта, уништување на шумите, градежна експанзија и недостиг на храна. Ова не е закана, туку јасен сигнал дека и тие бараат начин да опстанат. Лисиците се плашливи, интелигентни и претежно ноќни животни кои се плашат од луѓето и избегнуваат контакт. Присуството на лисици во урбана средина не значи дека се болни или агресивни. Напротив, во многу големи градови како Лондон, Берлин, Торонто, па и Љубљана, лисиците веќе се дел од урбаната дива фауна и живеат паралелно со луѓето без никакви инциденти – велат од Здружението.

Што треба да направите ако видите лисица?
• Не обидувајте се да ја бркате, фаќате или храните.
• Не оставајте остатоци од храна или отворени канти за ѓубре, затоа што тоа ги привлекува.
• Ако сте со домашно милениче – држете го на поводник и останете смирени, лисицата ќе избега.
• Пријавете ако видите повредена или залутана лисица.

Лисиците, како што велат од Здружението, се дел од природата на нашата земја, а незнаењето не треба да биде храна за ирационален страв и отпор.

– Наместо тоа, потребна ни е свесност, почит и разбирање кон овие животни кои се обидуваат да опстанат. Ве повикуваме да бидеме град кој живее во хармонија со природата – се додава во соопштението.

МЕД: Лисиците се редовни жители на Водно

„Анима Мунди“ побара мислење и од Македонското еколошко друштво (МЕД), кои велат дека лисиците се редовни жители на Водно и често се забележуваат и во градските населби како Жданец, Водно, Козле и Нерези.

– Забележувањето на мајка со млади е јасен показател дека се работи за здрави единки. Лисиците, како и другите животни кои се опортунисти во исхраната, лесно може да бидат привлечени во градските и селските средини од органски отпад кој не се селектира и не се собира редовно – велат од МЕД.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот