
Ангеловски: Еурофарм Пелистер е локален клуб, Вардар беше државен проект, го имаме најмалиот буџет во Лигата на шампиони
Утре Еурофарм Пелистер го игра последниот натпревар од групната фаза во Лигата на шампионите, а во досегашните дуели македонскиот шампион не освои ниту еден бод. Противник на избраниците на Бранислав Ангеловски ќе биде норвешкиот Клоштад кој на првиот дуел во Битола славеше победа.
Препорачано
На денешната прес-конференција Ангеловски ја спореди денешната ситуација на битолскиот клуб со онаа на Вардар и Металург во минатото.
„Играњето во Лигата на шампионите донесе многу за Битола. Години наназад слушав како се зборуваше дека и да биде Еурофарм Пелистер шампион на Македонија нема каде да игра во Лигата на шампионите. Докажавме дека тоа е невистина. Организациски извлековме повеќе од максимум од оваа сала, а навистина ми е жал што на овој натпревар патуваме без освоен бод.
Но, мора да сфатиме дека Еурофарм Пелистер е локален клуб, не е државен проект како Вардар. Би сакал тоа да се случи и со нас, па и со кој било друг клуб од Македонија. Ние го имаме најмалиот буџет во Лигата на шампионите. Во Европската лига има екипи кои имаат далеку поголеми буџети од нашиот и не ја поминаа групата.
Секој почеток е тежок. Истото беше и со Металург, кој во првата сезона губеше по 15 разлика од екипи како Загреб, Чеховски Медведи и други, а потоа размислуваше за „фајнал-фор“. Слична беше ситуацијата и со Вардар“, изјави Ангеловски.
Младиот ракометар Павле Атанасијевиќ најави дека очекува тој и соиграчите утре да се претстават во подобро светло отколку против истиот противник во Битола.
„Колштад е одличен тим, составен од многу врвни играчи. Напорно тренираме и мислам дека ќе бидеме подготвени за тоа што нè очекува. Веруваме дека ќе се покажеме во подобро светло за разлика од првиот натпревар што го одигравме со овој противник во Битола. Двете екипи не успеавме да обезбедиме елиминациона фаза и затоа мислам дека ќе одиграме возбудлив натпревар, а ние секако дека ќе до дадеме максимумот.
Тренерот ми дава поголема минутажа во одбраната што секако дека треба да ја оправдам. Секој играч си има свои задачи и тие треба успешно да ги одработиме“, истакна Атанасијевиќ.
Натпреварот е закажан за терминот во 18:45 часот.