Ангеловска: Чулев пред ребалансот бараше кратења во МВР, сега бара награда

Предлогот на техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев за еднократна награда од 15 илјади денари за припадниците на МВР не кореспондира со барањето што беше доставено при кроењето на ребалансот, вели министерката за финансии Нина Ангеловска.

Пред ребалансот, вели таа, Чулев доставил предлог за кратења во МВР во висина од 88 милиони денари или 1,4 милиони евра.

Два дена во најмала рака по скроен ребаланс, мораме да бидеме сите разумни и реални со нашите барања, додава Ангеловска.

Оваа криза, рече Ангеловска, го извади најдоброто од голем број професионалци што работат во јавниот сектор и тука секако и оние кои ни го чуваа редот, мирот и безбедноста, тука се полицајците, тука е Армијата, пожарникарите, инспекторатите, комуналните работници …

Сите тие заслужуваат да бидат препознаени и да бидат наградени, бидејќи работеа навистина во полн капацитет, двојно и над потенцијалот во справување со оваа криза, истакна Министерката.

Изрази надеж дека сите членови на Владата ги знаат реалните можности и дека сите до еден ќе се залагаат да ги препознаат и да ги награди сите кои заслужиле, кога ќе се створат условите и кога ќе имаме целосна контрола над вирусот и корона кризата сите ја добијат наградата.

По изјавата на министерката Ангеловска, министерот за внатрешни работи Наќе Чулев изреагира преку објава на неговиот фејсбук-профил: „Во врска со денешната изјава на Министерката Ангеловска дека предлогот за кратење е доставен од моја страна, напоменувам дека до сега од буџетот на Министерството за внатрешни се скратени околу 5 милиони евра и кратењето е направено на барање на Министерството за финансии, а за потребите на ребалансот на буџетот. Ова кратење го направивме во најголем дел од ставката „капитални расходи“ и „стоки и услуги“ за истото да има најмал негативен ефект врз вработените во Министерството за внатрешни работи“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот