Ангелов со апел до граѓаните да му пријават нему лично ако некој инспектор од Дирекцијата им побара пари

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангело упати апел до граѓаните да пријават кај него доколку некој од дирекцијата им побара пари за да добијат одредено одобрение.

„Во јавноста постојат многу шпекулации и оговарање дека инспекторите од Дирекцијата бараат пари за да завршат некоја работа.Јас такви информации сè уште немам, но ги повикувам граѓани на кои ќе им бидат побарани пари да ми се јават мене лично. Јас ќе најдам начин како да се реши проблемот, а ќе пријавам и во Министерството за внатрешни работи и во Обвинителство. Проблемот е што нам ни фалат инспектори и затоа се чека на издавање на одобренија за противпожарна заштита. Имаме само 15 инспектори, а потребни се најмалку 35“, рече Ангелов.

Тој предупреди дека состојбата со пожарите во земјата е загрижувачка, а во однос на тоа потсети дека потпишал договор со двајца пензионирани пилоти, со што сега има тројца пилоти. Еден „ер трактор“ е целосно во функција, а деновиве се очекува да дојде вториот од сервис. За третиот сè уште не се знае кога ќе биде во функција.

„Се надевам дека догодина ќе успееме да ангажираме уште тројца пилоти и со тоа ќе може ‘ер трактори’ цел ден да летаат. Еден пилот може да лета во текот на еден ден два пати по три часа и затоа не може цел ден да се интервенира. Затоа ги повикувам сите пилоти да се пријават за да бидат ангажирани кај нас, да ги поминат сите потребни обуки и да можеме следното лето да бидеме со шест пилоти“, рече Ангелов.

Рече дека откако дошол на функцијата платата на вработените двојно е зголемена, што според него е мотивација тие да останат да работат во дирекцијата.

Објасни дека ер-тракторите се исклучително комплицирани и тешки авиони за летање, кои бараат висока подготвеност на самите пилоти. Но исто така се еден од најевтините начини за гаснење на пожари од воздух, бидејќи ги управува само еден пилот, наспроти полициските и армиските хеликоптери кои ги управуваат двајца пилоти, еден инженер на лет и четврто лице кое управува со ведрото од кое што се истура вода.

Ангелов ги повика граѓаните да ја искосат тревата во своите дворови, особено во викендиците каде има висока обрасната трева, со што ќе помогнат во борбата против пожарите. Предупреди дека прогнозите покажуваат дека нè очекува долго и тешко лето, но се пофали дека се многу поподготвени од претходните години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот