
Ангелов: Сè уште е активен пожарот кај резерватот „Јасен“, на терен се над 40 луѓе и три хеликоптери
Во текот на денешниот ден, неколку огнени жаришта се активни на отворен простор низ целата земја, извести директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Препорачано
Најкритична е состојбата во областа на Општина Македонски Брод, поточно во ловиштето „Јасен“, каде што пожарот веќе со денови не може да се стави целосно под контрола, рече Ангелов.
„Овој пожар е активен неколку дена. Иако повеќе пати беше ставен под целосна контрола, а на моменти и целосно изгаснат, поради исклучително непристапниот терен некои негови краци повторно се реактивираат, зафаќајќи поголема површина“, објасни директорот.
Тој додаде дека во справувањето со пожарот се вклучени три хеликоптери – два од Министерството за внатрешни работи и еден од Армијата, кои дејствуваат од раните утрински часови. На терен се распоредени 15 припадници на специјалните единици на МВР и 26 припадници на специјалните единици на Армијата, кои заедно со екипите на ЈП „Јасен“ и неколку тимови од Национални шуми, се трудат да воспостават контрола над огнената стихија.
Ангелов информираше дека активен е и пожарот во атарот на село Крапа во Македонски Брод, во близина на пожарот кој гореше и пред 20-тина дена.
„Засега се работи за мал пожар и сум оптимист дека истиот ќе биде набргу ставен под контрола, а потоа изгаснат“, додаде тој.
Се уште се работи на гаснење на пожарот во близина на скопското село Свиларе, каде што на терен се наоѓа Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје со поддршка на два пинцгауери на ДЗС.
Ангелов посочи дека во моментов нема други пожари кои може да се издвојат како тешки за гаснење.