
Ангелов: Избувнувањето на пожарите не е случајност, имам право да се сомневам, но тешко е да се докаже
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов останува на ставот дека негова перцепција е дека избувнувањето на пожарите не е случајност и оти се работи за хибриден напад на Владата.
Препорачано
Од разговорот со сопствениците на „Ф Групација“ во чиј објект со електронски отпаден материјал во Трубарево вчера избува пожар беше укажано оти настанување на пожар во ваков обем бара сериозен напаор. Самозапалувањето не почнува со толку силен интензитет. Вчера во исто време имавме два пожари. Еве да претпоставиме едниот случајно да избил, но два пожари во исто време веќе не верувам дека се случајност, рече Ангелов на денешната прес-конференција во Владата.
Како што рече, се започнало со Вардариште и кога тоа го средиле и престанала да гори дивата депонија, а чадењето било сведено на минимум и безмалку да го немало, се запалила Дрисла.
Пред два три дена се запали и депонијата во Шутка, а вчера се запали овој отпад електронски отпад. Значи премногу случајности. Јас во нив не верувам. Имам право да се сомневам, но, морам да укажам дека е многу тешко да се докаже. Ако отидете на лице место, ако некој подметнал пожар трагите изгореле во него. Тоа е нашиот основен проблем. Тешко се докажува, бидејќи ако и некаде воопшто имало камери и тие изгореле. Затоа велам дека мојата перцепција е оти се работи за хибриден напад. За мотивите може да погодуваме, но во средина на септември да има вакви тешки пожари едноставно е неочекувано или невозможно, рече Ангелов.
Тој додаде дека и при пожарот во Дрисла кога луѓето дошле на лице место по неколку минути линијата на пожарот била подолга од 50 метри, потенцирајќи, оти било невозможно, кога би станувало збор за самозапалување, тој да има таков обем и динамика. Тоа, како што рече, се случило и вчера.
Според него, многу од пожарите што се случија летово биле подметнати, и оти во одредени случаи нашле запалени гуми или палети кои мирисале на бензин.
За повеќе пожари најдовме докази, иако тешко се обезбедуваат докази кои што би биле издржани на суд затоа што тие горат заедно со пожарот. Во една прилика кога објавив фотографија од 30-тина гуми автомобилски тие не беа ставен на куп да бидат запалени врз тревата, туку на повеќе места. Тоа е еден од методите, се премачкува гумата со бензин, се пали, се пушта да се тркала по удолница. Таа влегува во шумата удура во дрвата и по некое време некаде сопира и продолжува со горење, потенцира директорот на ДЗС.
Претходно денеска Ангелов посочи дека благодарение на брзината и пожртвуваноста на скопските пожарникари како и одлично организираната и координирана акција, при справувањето со пожарот во Трубарево успеале да спасат неколку објекти чиј двор но и самите објекти биле полни со пластичен отпад, со што се избегнало уште потешко загадување.