Ангажирана изложба: „О“ од Јана Јакимовска во чест на Денот на жената

Културно-социјалниот простор „Подиум Јадро“ го одбележa Денот на жената со онлајн изложбата „О“ на визуелната уметница Јана Јакимовска. Ангажираниот пристап на Јакимовска во креацијата на уметничките дела се смета за дел од борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите. Концептот на делата од серијата „О“ авторката го елаборира со повеќе факти од општественото секојдневие.

– Дигитално, зашто иднината е дигитална. Фотографирано, зашто во копи-пејст сегашноста старите вештини се непотребен луксуз. Чкртано, зашто секој знае да чкрта. Текстуално обременето, зашто живееме во време на меме-култура, снепчет и пурикура. Автопортрет, зашто твојата приказна полесно се голта низ туѓо искривено лице. Факти, зашто боговите треба да се замолчат еднаш засекогаш. Хумор, зашто не постои тема што не смее да се исмее. Оргазам, зашто она за што не зборуваме престанува да постои – истакнува Јакимовска.

Освен со сликање, Јана Јакимовска се занимава и со фотографија, интервенции во јавен простор, графички дизајн, илустрација, а од поскоро време и со перформанс. Во голем дел од рецентното творештво се занимава со прашањата на телото, сепството, сексуалноста, позицијата на жената во општеството. Настанот беше реализиран со поддршка на „Јадро“ – Асоцијација на независната културна сцена преку проектот „Хибридна институција за хибридна култура“, финансиран од Гете Институт – Македонија.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 72, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 13-14 март 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот