Анализа: За 19 години, десет министерски смени во Министерството за здравство

Најдолг мандат како министер во ресорот здравство, од шест години имаше Никола Тодоров, најкраток од пет месеци имаа Арбен Таравари во 2017-та и Илир Демири во 2024 та. Во период од 19 години во Министерството за здравство имало 10 министерски смени, вклучувајќи ја и новата што треба да се случи сега, по заминувањето на крилото на АА од Власта.

Порталб направи хронолошко рангирање на досегашните министри за здравство и анализа на буџетот на овој ресор кој надминува 120 милиони евра.

Од 2006-та до сега во Министерството за здравство имало дури девет министерски смени – сега во фотелја треба да седне десеттиот министер откако Арбен Таравари објави дека заминува во опозиција. Во период од 19 години овој ресор кој е еден од клучните и според проблематиката и според висината на буџетот, го воделе осум министри со тоа што Арбен Таравари беше на чело на министерството два пати, како дел од два различни владини ешалони. Ретки се министрите за здравство кој успеаја да „истуркаат“ цел министерски мандат.

Хронолошки, во август 2006-та како претставник на ДПА на чело на здравство застана Имер Селмани и на оваа позиција останува до јули 2008 та. Негов наследник е Бујар Османи од ДУИ кој го води министерството до 2011-та година. Најдолг министерски мандат има Никола Тодоров од ВМРО – ДПМНЕ, од летото 2011 до јуни 2017 година.

По Тодоров на чело на здравството доаѓа Арбен Таравари како претставник на Алијанса на Албанците но неговиот министерски мандат ќе трае само 5 месеци, од 1 јуни 2017 до крајот на октомври истата година. По изборите, во декември 2017-та година на чело на министерството застанува Венко Филипче од СДСМ и ќе го води четири години. По Филипче министерството „оди во рацете ” на Алтернатива и нивниот претставник Беким Сали кој ќе го води здравството само една година. По Сали во овој ресор ќе ротираат тројца министри од редовите на Алијанса на Албанците. Мандатот на Фатмир Меџити трае од февруари 2023-та до февруари 2024 та. Следува Илир Демири со петмесечен мандат во 2024-та па потоа Арбен Таравари кој застанува на чело на овој ресор по втор пат, од јуни 2024-та до сега.

Министерството за здравство се смета едно од поважните според проблематиката која ја третира и според висината на годишниот буџет со кој располага. За оваа 2025-та вкупните расходи на овој ресор изнесуваат 127,1 милион евра а само трансферот до Фондот за здравство изнесува скоро 57 милиони евра.

Годинава за капитални инвестиции здравството доби 8.835.000 евра и најголем дел од сумата или 6 милиони евра е за реконструкција и доградба на здравствените објекти. Општата Болница Кичево и клиничките центри Штип и Скопје останаа на агендата како проекти кои чекаат реализација. За Општа Болница Кичево одобрени се скоро 250.000 евра а за новите клинички центри во Штип и Скопје сума од 1.8 милиони евра при што најголем дел од парите треба да се обезбедат од заеми.

Изминатиот период Министерството за здравство беше дел од медиумските наслови и анализи по различни основи – од веста за проширување на позитивната листа на лекови до тоа дека немаше терапија за дел од онколошките пациенти.

Од април годинава се зголеми капитацискиот бод за матичните лекари а позитивната листа на лекови, за прв пат по 2014-та година се прошири со девет нови генерации (87 лекови со различни имиња, дози и намена). Беа најавени и 1.800 вработувања во здравството, но засега во тек се вработувањата на 250 специјализанти додека стотици медицински сестри ја чекаат постапката за трансформација во трајно вработување. Од друга страна, од почетокот на годинава во два наврати се вклучи алармот на Клиниката за онкологија поради недостиг на терапија за дел од болните. Проблемот се правдаше со тендерските процедури, и по неколку неделно доцнење, терапијата беше набавена. И пациентите со дијабетес реагираа дека одреден период нема терапија во аптеките и за оваа категорија на пациенти.

Еден од клучните проблеми – паркирањето на најфреквентниот Клинички центар Скопје остана нерешен откако беше поништен тендерот за изградба на катни гаражи од страна на компанијата „Ѓока Констракшн“ од Албанија.

Здравството останува еден од најпроблематичните и најчувствителните ресори кој ја опфаќа најранливата категорија на граѓани – пациентите. Најавените длабоки реформи, од професионализација на менаџментот до зголемување на квалитетот на здравствените услуги, сè уште чекаат да бидат остварени.

Здравството ќе го добие 10-от нов министер во период од 19 години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот