Credit line: Oleg Elkov / Alamy / Alamy / Profimedia

Анализа на АЕТСМ: Каде најмногу купуваат онлајн Македонците во странство?

Македонските граѓани во 2024 година со своите платежни картички во странство потрошиле за онлајн пазарење 284.4 милиони евра во 7.4 милиони трансакции, купувајќи производи и услуги посебно поврзани со патувања и трансакции за авио-билети и резервации на хотели онлајн. Во однос на 2023 година Македонците за купување производи и услуги со платежни картички кон странски е-трговци во 2024 година потрошиле 45.4% повеќе додека бројот на е-трансакциите е зголемен за 61.4%, покажува анализата на Асоцијацијата за е-трговија – АЕТСМ изработена врз база на објавените податоци од Народната банка.

Просечната трансакција изнесува 38.6 евра и е помала за 10% во однос на 2023 година. Притоа 74% од вредноста и 67% од бројот на направените трансакции се во Холандија, Обединето Кралство, Ирска, Унгарија, САД, Грција, Луксембург, Литванија и Германија. Во 2024 година Македонците оствариле најголема вредност на е-трансакции од 41.9 милиони евра во Холандија додека најголем број на трансакции од 1.37 милиони направиле во Ирска.

Најголем пораст на бројот на е-трансакции во 2024 во однос на 2023 е забележан во Грција (207.9%), Литванија (162.1%) и Ирска (140,7%) додека на вредноста на направените трансакции најголем пораст има во Литванија (221.7%), Ирска (58.7%) и Обединето Кралство (58.6%). Пад е забележан кај бројот на е-трансакциите од 65.6% и кај вредноста за 3.2% кон Германија.

Македонците во 2024 година потрошиле најмногу пари во Холандија (41.9 милиони евра), додека во Ирска направиле најголем број на трансакции (1.37 милиони).

Највисока просечна вредност на е-трансакција македонските граѓани оствариле во Германија 214.2 евра, додека во Луксембург направиле најниска просечна трансакција од 14.1 евра.

-Растот остварен во 2024 година во однос на минатата година изнесува 45.4% скоро ист пораст како и во 2022 година (46%) спрема претходната. Најмногу Македонците како и секоја година направиле трансакции кон Холандија во вредност од 41.9 мил. евра, Обединето Кралство 40.7 и Ирска 33.7 мил. евра. Истото е очекувано ако се има предвид дека од овие земји имаат седиште Booking.com, Netflix и Uber за Европа (Холандија), ASOS, Amazon UK(Обединето Кралство), додека највисокиот остварен број на трансакции од Македонци во Ирска, како и пораст на вредноста од 58.7% во однос на минатата година се должи на тоа што таму се регистрирани, Meta и Google. Онлајн купувањето кон странски платформи, без разлика дали е тоа за производи или за резервации во хотели, авиони или социјални медиуми, може да влијае позитивно и за домашните е-трговци со оглед дека се работи за менување на навиките и зголемено користење на онлајн купување воопшто. Од друга страна зголемената побарувачка ќе ги стимулира домашните трговци да ја зголемуваат и унапредуваат понудата и целокупното онлајн искуството за купувачите – вели претседателката на АЕТСМ, Нина Ангеловска.

Согласно објавените податоци од НБРСМ, странски иматели на платежни картички за купување производи и услуги од македонски е-трговци во 2024 година потрошиле 37.2 милиони евра, што во однос на минатата година претставува пораст од 38.7%. Остварената вредност која странските онлајн купувачи ја направиле кон домашните е-трговци во 1.2 милиони трансакции бележи пораст од 44% во однос на 2023 година. Од вредноста на вкупно направените трансакции од странци кон македонски е-трговци во 2024 година 52.6% припаѓаат на иматели на платежни картички од 9 земји. 6.3 милиони евра или 17% од вредноста на трансакциите се направени од иматели на платежни картички издадени во САД, потоа 3.5 милиони евра од Швајцарија и 2.4 милиони евра од Германија. Потоа следат Ирска со 1.85 мил. евра, Турција 1.75 мил. евра и соседите Косово и Србија со 821 и 814 илјади евра. Најголем пораст и на вредноста и на бројот на трансакциите е остварен од ирските иматели на платежни картички, на сметка на намалување на вредноста и бројот на имателите на платежни картички од Обединетото Кралство.

-Е-трговијата овозможува купување на производи и услуги од кој било крај на светот. Остварениот годишен пораст од 39% на вредноста на е-трансакциите направени од странци кон домашните е-трговци и остварени 37.2 мил. евра покажува дека македонските е-трговци треба да го искористат уште повеќе овој потенцијал. Од анализата се гледа дека најмногу онлајн трансакции направени од странски иматели на платежни картички како по број така и по вредност се направени од земји каде што има македонски иселеници што нè упатува на претпоставка која е основа за понатамошно истражување дека нашите иселеници се повеќе го користат овој канал за купување на производи и услуги на своите блиски од македонските е-продавници. Очекувањата се и понатаму да продолжи растот на вредноста и бројот на реализирани онлајн трансакции од странство што исто така е придонес за развојот на македонската е-трговија – истакнa претседателката на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, Нина Ангеловска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот