
Американски конгресмени предлагаат закон за ослободување на увозот на кафе од царините наметнати од Трамп
Конгресмените Дон Бејкон и Ро Кана од Претставничкиот дом на САД (долниот дом на американскиот Конгрес) планираат да предложат двопартиски закон со кој кафето ќе биде ослободено од царините наметнати за увоз во земјата по 19 јануари 2025 година, објави „Ројтерс“. „Вашингтон пост“, кој го видел законот, објави дека ослободувањето ќе се однесува на печено и безкофеинско кафе, како и на мелено кафе, лушпи и други пијалоци или замени што содржат кафе, се вели во предлогот. Дон Бејкон, републиканец од Небраска, и Ро Кана, демократ од Конектикат, рекоа дека се фокусирале на кафето затоа што сакаат да им заштедат пари на Американците за нивната дневна потрошувачка на кафе.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
„Зошто би воведувале царини на Американците за нешто што дури и не го одгледуваме? Нема смисла“, изјави Бејкон.
Кафето е една од стоките што ги одржува цените на храната во САД постојано високи откако администрацијата на претседателот Доналд Трамп воведе царина од 50 проценти за увоз од Бразил кон крајот на јули, вклучително и зеленото кафе. Цените на кафето Арабика, кое првенствено го користат синџири како „Старбакс“ и „Данкин’ Донатс“, оттогаш се зголемија за околу 50 проценти на Интерконтиненталната берза (ICE) во Њујорк. Бразил порано снабдуваше една третина од целото кафе што се консумираше во Соединетите Држави, но залихите се намалија откако беа воведени царините, пренесува БТА.