Фото: Mark Morgan / http://atombombengeschaeft.de

Американскиот гигант „Бехтел“ сака да влезе на српскиот енергетски пазар

Американската градежна компанија „Бехтел“ би можела да влезе во енергетскиот сектор на Србија, а гигантот отворено покажал интерес за инвестирање, објави Нова.рс. Компанијата во посебна процедура добила многу вредна работа на изградбата на т.н. Моравски коридор, а според најавите требало да соработува со Рио Тинто за проектот Јадар.

Телевизијата пишува дека поранешната министерка за енергетика на Србија, Зорана Михајловиќ, во јануари годинава се сретнала со претставници на „Бехтел“ и по тој повод се зборувало за инвестиции во тој сектор, особено во областа на обновливите извори на енергија.

Потоа, во август се одржала нова средба, на која во присуство на американскиот амбасадор во Србија, Кристофер Хил, се разговарало за соработката меѓу Србија и САД во областа на енергетиката и изградбата на реверзибилната хидроцентрала „Ѓердап 3“.

Запрашан за можните инвестиции на „Бехтел“ во енергетиката во Србија, амбасадорот Хил во интервју Нова.рс вели дека се работи за огромна инженерска компанија од Америка, која се занимава со бројни инфраструктурни проекти. Тој потсетил дека оваа компанија во Србија се занимава со изградба на Моравскиот коридор, наведувајќи дека тоа ќе биде технолошки напреден автопат.

„Ќе можете, на пример, да користите интернет во автомобилот додека возите. „Бехтел“ е многу добро познат и мислам дека е заинтересиран да биде дел од решението кога се во прашање енергетските потреби на Србија. Србија има значителни потреби, а Америка има многу решенија во рамките на зелената енергија. Мислам дека можноста САД да бидат дел од економската иднина на Србија е добра и за двете земји. Ако тоа вклучува ангажирање компанија како „Бехтел“, тоа е одлично, ако се прашувам јас“, вели американскиот амбасадор во Србија.

Ангажирањето на „Бехтел“ на изградбата на Моравскиот коридор преку конзорциум со турската компанија „Енка“ го привлече вниманието на српската јавност. Иако се работи за тендер вреден дури 755 милиони евра, на јавниот повик за стратешки партнер се јави само таа компанија.

Како што своевремено пишуваше српски „Инсајдер“, во овој случај не бил применет Законот за јавни набавки, туку бил донесен нов Закон за утврдување јавен интерес и посебни постапки за спроведување на проектот за инфраструктурен коридор на автопатот Е-761, делница Појате-Прељина. Така Моравскиот коридор бил прогласен за проект од јавен интерес, а потоа бил донесен и декрет.

Според тој документ, на јавниот повик можела да се пријави само компанија или конзорциум што во последните три години имал финансиски промет од најмалку една милијарда евра, што заедно со некои други услови дополнително ја намалило конкуренцијата.

Поради тоа што Владата на Србија претходно потпишала меморандум за разбирање со „Бехтел“, дел од опозицијата ги обвини претставниците на власта дека на овој проект работат надвор од законот.

Со слична процедура и врз основа на сличен закон, со заобиколување на Законот за јавни набавки, конзорциумот „Бехтел-Енка“ беше ангажиран и во Македонија, за изградбата на автопатски делници од Коридорот 8.

Уставниот суд ја образложи одлуката да не поведе постапка за законот за „Бехтел и Енка“, Антикорупциска не е задоволна

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!