Американски офицери присутни на руско-белоруската воена вежба – сигнал за топење на мразот меѓу Минск и Вашингтон

На воениот полигон во Белорусија, американски офицери ги набљудуваа заедничките воени маневри на Русија и Белорусија, што предизвика изненадување и низа реакции, пишуваат медиумите.

Белорускиот министер за одбрана Виктор Крењин им порача на гостите дека „можат да гледаат сè што ги интересира“ и дека ќе им биде дозволено слободно да разговараат со војниците. Според официјалното соопштение, тие беа дел од делегација на 23 држави, меѓу кои и Турција и Унгарија – членки на НАТО.

Она што е интересно е дека присуството на американските офицери повеќето од светските медиуми го гледаат како најнов чекор кон постепено подобрување на односите меѓу Минск и Вашингтон.

Минатата недела, претставникот на администрацијата на Доналд Трамп, Џон Коул, се сретна со белорускиот лидер Александар Лукашенко и постигна договор за ослободување на 52 затвореници, меѓу нив и новинари и политички противници.

За возврат, САД одобрија делумно олеснување на санкциите, со што националната авиокомпанија Белавија повторно доби пристап до одржување и набавка на делови за својата флота. Плановите на Трамп вклучуваат и повторно отворање на американската амбасада во Минск.

Маневри во сенка на тензиите со НАТО

Во меѓувреме иако Москва и Минск тврдат дека „Запад 2025“ е одбранбена вежба без намера за агресија кон НАТО, тајмингот е чувствителен.

Само неколку дена пред почетокот на маневрите, Полска собори руски беспилотни летала што навлегле во нејзиниот воздушен простор, што ја поттикна Алијансата да одговори со сопствена операција „Источна гарда“.

Во таков контекст, отвореноста на Белорусија кон американско присуство може да се толкува како обид за балансирање меѓу тесното партнерство со Москва и ограничено нормализирање на врските со Западот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот