
Американски медиуми тврдат дека разрешениот кинески министер за надворешни работи имал вонбрачна врска додека бил амбасадор во САД
Поранешниот кинески министер за надворешни работи Чин Ганг, сменет од функцијата во јули, имал вонбрачна врска додека бил амбасадор во Соединетите држави, објави Волстрит журнал (ВСЖ).
Препорачано
ВСЖ известува дека Чин соработувал во истрагата, која сега е фокусирана на тоа дали аферата или однесувањето на Чин ја загрозиле националната безбедност на Кина.
На високите кинески функционери им било кажано дека внатрешната истрага на Комунистичката партија открила дека Чин се вклучил во аферата додека бил амбасадор на Кина во Соединетите држави, пишува весникот.
Два извори за весникот изјавија дека аферата резултирала со раѓање на дете во САД.
Кинеското Министерство за надворешни работи не одговори веднаш на барањето на Ројтерс за коментар за извештајот на ВСЖ.
Во јули, Чин беше сменет од дипломатскиот ветеран Ванг Ји како министер за надворешни работи, откако Чин беше отсутен еден месец по едвај половина година на функцијата. Тој беше главен кинески дипломат во Вашингтон од јули 2021 година до јануари оваа година.