Антонијо Милошоски/Бујар Османи/ Фото Колаж на СП

Амбасадорите ќе заминат без да кажат пред пратениците што ќе работат!?

Претседателот на собраниската Комисија за надворешна политика Антонијо Милошоски не кажува дали и кога ќе закаже седница за претставување на амбасадорите, па нивното заминување зависи од тоа дали претседателот на државата ќе реши да го заобиколи Собранието и „директно“ да ги потпише указите.

Неизвесно е до кога новите амбасадори ќе чекаат со пакувањето на куферите за да заминат во празните амбасади низ светот, зашто претседателот на собраниската Комисија за надворешна политика Антонијо Милошоски не прецизира кога ќе го закаже продолжението на седницата. Тој не го послуша координаторот на пратениците од СДСМ Јован Митрески, кој го повика да го заврши претставувањето на амбасадорите во Комисијата. Пресврт во „случајот“ е можен само ако претседателот на државата Стево Пендаровски реши да го „прескокне“ Милошоски и, заобиколувајќи го Собранието, да ги потпише указите за новите амбасадори.

Дека на Милошоски не му се брза, потврди и со изјавата за „Слободен печат“ во која вели дека претставувањето на тезите на амбасадорите ќе трае најмалку колку што ќе трае и изборот на новите уставни судии. Таа процедура, да потсетиме, во Комисијата за избори и именувања е заглавена четири месеци од долги и многубројни дискусии и протоколарни забелешки од опозициските пратеници. Резултат – од девет предложени кандидати помина само еден, а расправата е стасана до третиот кандидат за судија.

– Добро е Митрески да разговара со нашиот координатор Мицевски, тие имаат многу добра колегијална комуникација и се надевам дека тоа ќе помогне. Самиот процес за амбасадорите не очекувам да биде ништо подолг од оној за избор на уставни судии. Тоа е многукратно побитно прашање, а во моментов владејачката коалиција не го управува тој календар на ефикасен начин и мислам дека селективни изјави за ефикасност или неефикасност на работни тела не се потребни. Потребна е подобра координација, особено од страна на владејачкото мнозинство – одговори Милошоски на прашањето кога ќе го закаже продолжението на седницата.

Од Кабинетот на претседателот Пендаровски веќе најавија дека, ако продолжи блокадата, претседателот ќе биде принуден со указ да ги упати амбасадорите, без тие да се претстават во Собранието. Ургенција до Собранието за Милошоски да ја продолжи комисиската расправа за амбасадорите упати и министерот за надворешни работи Бујар Османи. Тој смета дека блокадата на Комисијата е флагрантна и дрска злоупотреба на собранискиот Деловник. Османи потврди дека разговарал со претседателот Пендаровски и очекува шефот на државата да преземе чекори за оптимално решение на проблемот.

Милошоски ги упати на Законот за надворешни работи: „Само би им препорачал да го прочитаат членот 39 од Законот за надворешни работи, да видат дали им се допаѓа таков каков што е или, ако не им се допаѓа, да предложат негова измена“.

Во членот 39 од Законот за надворешни работи се вели: „По добивањето на агреманот, кандидатот за амбасадор започнува со подготовки за преземањето на должноста, кои траат најмногу 60 дена и се сметаат за завршени по завршниот разговор со министерот и со директорите во Министерството за надворешни работи. По завршениот разговор, кандидатот за амбасадор ги изложува своите согледувања за односите со државата пред работното тело на Собранието кое е надлежно за надворешната политика“.

Но, власта и опозицијата различно го читаат Законот. Според Милошоски, претставувањето на новите амбасадори во Собранието е задолжително. За Османи, за шефот на државата и за шефот на пратеничката група на СДСМ, претставувањето на амбасадорите во Собранието не е законски задолжително.

– Тоа е повеќе добра волја да се покаже инклузивност, односно вклучување на парламентот и ние инсистираме на тоа, затоа што не сакаме една добра практика да ја уништиме. Но, доколку продолжи блокирањето преку незакажување на седницата на собраниската Комисија за надворешни работи, ќе се бараат алтернативни решенија – вели Османи.

И Пендаровски и Митрески сметаат дека претставувањето во парламентот на кандидатите за амбасадори, иако не е законска обврска, сепак е добра политичка практика што постои две децении и треба да продолжи. На последната седницата на Комисијата, што се одржа пред еден месец, тезите ги образложи само Зоран Попов, амбасадор во Вашингтон, по што таа беше прекината. Во Собранието се блокирани презентациите на Агрон Буџаку, кој треба да замине во Канада, Дритон Кучи во Норвешка, Евгенија Илиева во Словачка и на Методија Белевски во Белгија.

За уште тројца амбасадори се добиени агремани и во тек се нивните подготовки за преземање на должноста и барањето до Собрание за закажување седница на Комисијата за надворешна политика за нив ќе биде пратено наскоро. Станува збор за Виктор Димовски, кој ќе биде амбасадор во Франција, Агнеза Руси во Бугарија и Јован Манасијевски во Турција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот