Алтернатива крева раце од ресорот здравство?

Беким Сали, Африм Гаши / Фото: СП. архива / Колаж: Слободен печат.

Откако ќе завршат преговорите помеѓу СДСМ и Алијанса за Албанците, ќе разговараме за останување или напуштање на владината коалиција. Ние сме за компромис и околу распределбата на ресорите, изјави Гаши по средбата на тесното партиско раководство.

По условувањата дека ќе излезат од Владата ако го изгубат ресорот здравство, Алтернатива сега е подготвена на компромис и претседателот Африм Гаши чека повик од премиерот Димитар Ковачевски за договорот за влез на Алијансата за Албанците во Владата. Тимовите на СДСМ и Алијанса, пак, се очекува денес попладне да преговараат за позиции во вториот и третиот ешалон, па ќе се навратат на третото министерство од рокадата на ресори помеѓу СДСМ и ДУИ, откако е извесно дека ги добиваат ресорите здравство и правда.

– Откако ќе завршат преговорите помеѓу СДСМ и Алијанса за Албанците ќе разговараме за останување или за напуштање на владината коалиција. Ние сме за компромис и околу распределбата на ресорите – изјави Гаши по средбата на тесното партиско раководство.

Тој потенцира дека партиските органи ќе одлучат за останување или за излегување од Владата. Доколку Алијанса биде владин партнер и Алтернатива остане, според Гаши, има начини и канали за комуникација и соработка, бидејќи Алтернатива е кооперативна партија.

Според Гаши, дали ќе останат или ќе излезат од Владата, пресуден ќе биде договорот помеѓу СДСМ и Алијанса.

– Ако се постигне договор меѓу нив, ние ќе погледнеме дали е чепнат и дали тоа го засега нашиот договор за влез во Владата – вели Гаши.

Тој вели дека Алтернатива засега нема црвени линии за коалициските партнери и дека е подготвен на компромис за отстапување на некои министерски позиции.

Високи функционери од Алтернатива брифираат за „Слободен печат“ дека отстапувањето на ресорот здравство нема да биде црвената линија за да излезат од Владата. Објаснувањето е дека ако договорот меѓу Алијанса и СДСМ за влез во Владата не е понижувачки за Алтернатива, тогаш нема зошто да заминат од „Илинденска“. Според нив, ако владините партнери СДСМ и ДУИ дадат по еден ресор, тогаш и Алтернатива треба да отстапи за окрупнување на владиното мнозинство, и тоа би била фер позиција. Тие велат дека нема поента на една година пред избори да ја напуштат Владата и потсетуваат дека сугестиите на странците се дека е потребна стабилна влада и зголемување на мнозинството, особено поради уставните измени. Еден од главните аргументи да останат во Владата е дека Алтернатива не треба да биде причина за ситнење на парламентарното мнозинство во контекст на „огнените“ од ДУИ и некои од помалите владини партнери. Неофицијално, попуштањето на Алтернатива се толкува дека Гаши нема поддршка ни од пратениците, ни од министрите поради ресорот здравство да излезат од Владата.

Тимовите на Алијанса и на СДСМ треба да се состанат за договарање на заменик министерските позиции, раководителите, државните секретари и за директорските места. Според функционер од СДСМ, при распределбата на функциите од вториот и од третиот ешалон, освен желбите и понудените кадри, ќе мора да се запази и етничката застапеност во институциите, односно освен во Владата, да се внимава да биде испочитувана и во институциите.

Како што веќе објавивме, Алијанса бара во пакет да бидат затворени сите позиции од министри до директори и веќе до понеделник да се знае дали ќе има договор за проширување на владиното мнозинство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот