протести монструм
Во април годинава беа одржани мирни протести по повод судската одлука за случајот „Монтрум“/Скопје, 2 април 2021 - Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Алтернатива инсистира на евалуација на спорните судски предмети

Готова е финалната верзија на писмото што ќе биде испратено во Европската комисија за случаите. Го испративме во Министерството за правда и откако нивни служби работеа на него, ни го доставија во финална верзија. Очекуваме да помине во Владата и да биде испратено до ЕК, вели Зекирие Ибрахими

Куршлус меѓу владините партнери, премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на Алтернатива Африм Гаши, или позиционирање на помалиот партнер пред можниот влез на Алијанса за Албанците во Владата, на што се противи партијата на Гаши. Ова е дилемата откако Алтернатива во кус период го отвора прашањето за меѓународна ревизија на судските случаи  „Монструм“, „Диво насеље“, „Алфа“ и „Малиот Алмир“, за кои се сомнева дека се политички  монтирани.

Алтернатива очекува на владина седница конечно да помине писмото што Владата треба да го достави до Европската комисија за тим од меѓународни експерти да направи ревизија на тие случаи. Генералниот секретар на Алтернатива, Зеќирие Ибрахими, за „Слободен печат“ вели дека во Министерството за правда писмото е усогласено и дека сега треба да помине на Влада.

– Готова е финалната верзија на писмото што ќе биде испратено во Европската комисија за случаите за кои постои сомневање дека имаат политички импликации. Писмото го испративме во Министерството за правда и откако нивни служби работеа на него, ни го доставија во финална верзија. Сега очекуваме да помине во Владата и да биде испратено до ЕК – вели  Ибрахими за „Слободен печат“.

Тој не сакаше да открие детали во кој дел од писмото Министерството интервенирало. Ибрахими посочи дека наместо првичното барање за ревизија на судските предмети, на што бурно реагираа правни експерти, во финалната верзија на писмото кое би требало да патува во ЕК, барањето е за евалуација на спорните случаи. Ако е ова веродостојно, тогаш значи дека Алтернатива ретерира од барањето од договорот за влез во Владата меѓу Гаши и тогашниот премиер Зоран Заев.

Но, наспроти тврдењето на Алтернатива, од Министерството за правда негираат дека добиле такво писмо.

– Откако Никола Тупанчевски раководи со Министерството за правда, не е добиено писмо од Алтернатива – велат од Министерството за правда.

Неофицијално, Тупанчевски и да добие писмо за ревизија или евалуација на предметите „Монструм“, „Диво насеље“, „Малиот Алмир“ и „Алфа“, нема да потпише таков документ.

Од Владата не добивме одговор дали кај нив стасало писмото и дали Владата ќе одлучува да го испрати во ЕК за тим меѓународни експерти да се занимава со тие судски предмети, но велат дека ќе информираат ако има нешто конкретно.

Пред два месеца, Гаши на средба го информирал евроамбасадорот во Скопје Дејвид Гир за намерата партијата да побара помош од Европската комисија за преоценување некои судски предмети.

„Го известив амбасадорот дека веќе го доставив до премиерот предлог-писмото подготвено од Алтернатива и очекуваме тоа да помине во Владата, а потоа Владата да се обрати до Европската комисија“, соопшти тогаш Гаши.

Барањето следува една година откако Алтернатива стана дел од власта, а тоа беше еден од клучните услови да влезе во Владата.  Барањето е дел и од програмата на Владата каде што пишува: „Владата ќе се обрати до Европската комисија со барање да се обезбеди тим од независни експерти, кои ќе извршат меѓународен мониторинг на процеси за кои постојат сомневања дека врз нив било извршено политичко влијание, какви што се „Монструм“, „Алфа“, „Диво Насеље“, „Малиот Алмир“ и други“.

И на средбата помеѓу Ковачевски и Гаши пред два месеца се разговарало за нереализацијата на договорот за влез на Алтернатива во Владата, но и за можното засилување на владејачкото мнозинство со Алијанса за Албанците.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!