
„Алсат“: Можно е наскоро да се отвори проширена истрага за „Беса транс“
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) наскоро ќе ја отвори и ќе ја прошири истрагата за несреќата на автобусот на „Беса Транс“ во Бугарија во 2021 година, во која животот го загубија 45 луѓе, тврдат извори од Обвинителството за „Алсат“. Изворите од истражниот тим велат дека се работи во неколку насоки, а осомничени се службеници и поранешни раководни структури во Министерството за внатрешни работи и Министерството за транспорт и врски.
Препорачано
Телевизијата неофицијално дознава дека Обвинителството веќе детектирало одговорност за одредени лица, но се работи на дополнително утврдување на мотивите и можните финансиски интереси за издавање и фалсификување на лиценци, можноста за премин на граница без контроли и само формално спроведени технички прегледи. Во оваа организирана структура, најмалку три лица наводно се наоѓаат во фокусот на ОЈО ГОКК како главни осомничени за трагичната несреќа од ноември 2021 година.
Во моментов, случајот „Беса Транс“ е во фаза на повторно судење, откако Апелациониот суд во декември лани ја врати постапката на повторно разгледување. Обвинет е сопственикот на компанијата „Беса транс“, Беким Хаџиу, додека неговата фирма беше казнета со 800.000 денари.
Фаталната несреќа се случи на 23 ноември 2021 година во раните утрински часови, кога автобус на „Беса Транс“ кој се враќаше од Истанбул со туристи, удри во оградата и се запали на автопатот „Струма“, во близина на бугарското село Боснек. Меѓу 45-темина загинати имаше 12 деца, додека седуммина патници преживеаја.
По трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани минатиот месец, премиерот Христијан Мицкоси и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најавија дека е можно повторно да се отворат истрагите за оваа несреќа и за другите големи трагедии кои се случија во последниве неколку години. Најавено беше и формирање на анкетна комисија во Собранието.