
Алармантно предупредување на вработените во „Кромберг и Шуберт“: Итно поставување на хоризонтална и вертикална сигнализација на патот Битола ИЗ „Жабени“ или блокада на патот за Грција
Наместо рехабилитацијата на патот Битола-Грчка граница, која се прави по изминати четири децении, да им донесе задоволство и среќа на жителите кои живеат во близината на патот Битола-Грчка граница, тој им создаде огромни проблеми, па и човечки жртви.
Препорачано
Од СВР Битола информираат дека само во изминатите две недели на патот Битола-Граничен премин Меџитлија, се случиле четири сообраќајни несреќи, а една имаше и смртен исход.
По неколкуте сообраќајни несреќи, од кои една беше со смртни последици, неколкуте несреќи во изминатите неколку дена, како и синоќешната несреќа на една брачна двојка, на патот Битола-Индустриска зона „Жабени“ откако надлежните градежни и државни институции се прогласија за ненадлежни и молчат, со отворено писмо до јавноста се јавија од компанијата „Кромберг и Шуберт“.

Во отвореното писмо адресирано до сите локални и републички институции: изведувачот Пелагонија АД Гостивар, Геинг Кребс унд Кифер Интернешнл, Јавното претпријатие за државни патишта, „Македонија пат“, Министерство за транспорт и врски, Државен инспекторат за градежништво и урбанизам, јавното претпријатие за стопанисување со индустриска зона „Жабени“ и градоначалникот Тони Коњановски се вели:
– Со овој допис поднесуваме барање за итна интервенција за обележување и сигнализација на патот Битола – ИЗ „Жабени“, којшто во моментот е сеуште во фаза на реконструкција. Со направените поправки, санација и реконструкција на патот, во дел што сеуште е во тек, патот во моментот е необележан и нема поставено сигнализација и обележување на патот поради што истиот е опасен за користење. Свесни сме дека сеуште се работи на самиот пат, но, за жал веќе се случија неколку сообраќајни несреќи и една сообраќајна несреќа каде што животот го загуби едно лице, наш вработен поради што апелираме за итно обележување на патот.
Поради новите слоеви на асфалт кои се поставија, висината на патот е над нивото на страните покрај самиот пат, и има остри рабови кои не се обележани со (крајна) бела лента и при вечерно возење е доста небезбедно и не е видливо до каде е самата ивица на патот.
Покрај бела линија, апелираме да се постават и визуелна сигнализација со ступчиња со рефлектирачки маркици кои светат при вечерно возење или да се постави целосна заштитна ограда особено на неколкуте кривини на патниот правец каде прегледноста е дополнително намалена.
Потребата од интервенција со сигнализација и обележување е итна бидејќи овој пат е исклучително фреквентен.

На дневна основа истиот се користи од над 5.200 вработени на КШМК-Бт од Битола, Прилеп, Ресен, Демир Хисар и околните села, кои секој ден во двата правци го поминуваат патот на релација Битола – Жабени – Битола со цел да дојдат на работа.
За превоз на дел од вработените, во текот на едно деноноќие на патот сообраќаат над 150 возила за групен превоз (над 70 автобуси и 80 комбиња) бидејќи фабриката работи во 3 смени. Дел од вработените се превезуваат со автомобили и во текот на едно деноноќие на патот во двата правци сообраќаат околу 270 автомобили. Во просек по околу 10 транспортни камиони кои исто така дневно во двата правци го поминуваат патот со цел транспорт на репро материјали и производи до и од нашата фабрика-стои во дописот на компанијата „Кромберг и Шуберт“.
Тие бараат итно подобрување на безбедноста на сообраќајот на овој пат, што без исклучок ги засега сите граѓани од Пелагонискиот регион.
– Бројни локални жители и земјоделци исто така со автомобили, мотоцикли, велосипеди, пеш и со земјоделски возила секојдневно сообраќаат на патот. Безбедноста на сообраќајот на овој пат ги засега без исклучок сите граѓани од Пелагонискиот регион и речиси и да нема семејство во кое најмалку 1 член дневно не го користи овој пат.
Понатаму, интензивиран е сообраќајот на овој пат и од македонските и странските државјани за да стигнат до граничниот премин Меџитлија.
Нагласуваме дека патот едноставно не смее да се остави необележан и без задолжителна сигнализација затоа што е загрозена безбедноста на сите кои се движат по истиот, па бараме од сите Вас да постапите согласно вашите надлежности и да преземете соодветни мерки со цел да се обезбеди безбедно, сигурно и непречено движење на патот во текот и по завршувањето на реконструкцијата-стои во дописот на германската компанија.

Тие бараат да се направи соодветен спуст од висината на новиот поставен асфалт кон влезот на Индустриската зона „Жабени“, каде што поради новите слоеви на асфалт постои значителна висинска разлика со претходно поставениот асфалт кон самиот влез на зоната.
– Таа висинска разлика изнесува 20-тина см без соодветен спуст што од една страна претставува опасност за патниците, а од друга страна дополнително предизвикува технички оштетувања на возилата.
Во заложба за заштита на нашите вработени, соработници и сограѓани, стоиме на располагање за сè што може да се преземе од наша страна со цел забрзување на интервенцијата.
Ве молиме во најбрз можен рок да нè известите за активностите кои ќе се преземат за соодветна сигнализација и обележување, како и за нивната временска динамика, со цел да ги имаме предвид при секојдневното користење на патот-стои во дописот на „Кромберг и Шуберт“ испратен до надлежните институции и министерството за транспорт и врски.
Од компанијата и жителите од селата на овој дел од патот, велат дека доколку не се реагира под итно за сообраќајно обележување на патот тие ќе ги радикализираат своите барања и се закануваат и со блокади на патот, кој води не само до индустриската зона „Жабени“ туку и до грчка граница.
Со цел да добиеме одговор на барањата на вработените на „Кромберг и Шуберт“ се обративме до Јавното претпријатие за државни патишта, а оттаму велат дека рехабилитацијата на државниот пат А3 делница Битола – Меџитлија во должина од 12,5 км е во завршна фаза и во моментов се работи на изведба на асфалтирање на вториот завршен слој по што следува изведба на банкините од двете страни на патот и поставување на собраќајна сигнализација.
Инаку, Договорот за рехабилитација на регионалниот пат А3, делница Битола-Меџитлија се реализира врз основа на ревидирана проектна документација од страна на Градежен факултет. Исто така, поставена е соодветна сообраќајна сигнализација во согласност со одобрениот времен режим на сообраќај, издаден од Министерството за транспорт и врски. Рехабилитацијата на патот со извршена целосна сигнализација се очекува да заврши најдоцна за 30-тина денови, односно до крајот на октомври – почетокот на ноември и од тие причини ја користиме можноста уште еднаш да апелираме до возачите да се придржуваат до времената сигнализација и да ја почитуваат препорачаната брзина на движење-информираат од Јавното претпријатие за државни патишта.