
Алармантна е состојбата со несобраниот отпад: Ѓубрето во Скопје треба да „чека“ да поминат изборите
Улиците се преплавени со купишта смет исто како пред две години кога комуналците штрајкуваа, а притоа никој не нуди ниту решение за нехигиената во која скопјани живеат во изминатиов период. Слушнавме само извинувања и најави за чисто Скопје по изборите.
Што се случува во ЈП „Комунална хигиена“ и дали има вистина во шпекулациите дека вработените одбиваат да ги извршуваат обврските и дека не го слушаат директорот, никој официјално не кажува, но улиците се преплавени со ѓубре исто како пред две години кога комуналците штрајкуваа, а притоа никој не нуди ниту решение за нехигиената во која скопјани живеат во изминатиов период.
Препорачано
Состојбата во секој изминат ден е сѐ поалармантна. На Скопје му се заканува екоцид поради купиштата ѓубре што смрдат и загадуваат, а надлежните мора да понесат одговорност поради тоа што дозволиле да се случи ваква ситуација.
Собирањето и депонирањето комунален отпад е надлежност на Град Скопје, кое го извршува преку јавното претпријатие „Комунална хигиена“. Но, како што граѓаните можеа да се уверат во изминатиот период, наместо сериозна акција за справување со отпадот, градоначалничката Данела Арсовска сè уште се занимава со политички препукувања со ВМРО-ДПМНЕ, а од ЈП „Комунална хигиена“ не одговараат дали имаат некакви проблеми со недостиг на механизација или луѓе поради што сосема ја испуштија од контрола работата со ѓубрето.
Арсовска за ѓубрето во Скопје го обвинува Управниот одбор на „Комунална“, но законите велат поинаку
Напротив, од претпријатието на нашите прашања зошто молчат кога граѓаните од сите делови на Скопје алармираат за несобраното ѓубре и понатаму тврдат дека работат според утврдената динамика, односно дека отпадот од кантите во индивидуалните домувања се собира двапати во текот на неделата, според однапред утврден распоред, додека контејнерите наменети за одлагање комунален отпад поставени на јавни површини, се празнат еднаш во текот на денот.
Во последниот период, ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје се соочува со енормно зголемени количини на одложен комунален, кабаст и градежен отпад како во самите контејнери така и во нивната непосредна околина, односно на јавни и на сообраќајни површини. Од овие причини може да се случи на одредени локации да има доцнење при собирањето и транспортот на отпадот. Претпријатието ги вложува сите напори за да ја одржи динамиката предвидена според Оперативната програма за собирање и транспортирање на комуналниот отпад од подрачјето на градот Скопје – велат од „Комунална хигиена“, без да одговорат дали се соочуваат со некои други проблеми.
Поради лошата состојба со отпадот, општинските екипи на Аеродром и на Центар, сами започнаа да ги празнат контејнерите и да ги чистат депониите околу нив, иако не располагаат со потребната механизација како јавното комунално претпријатие.
ФОТО | Скопје длабоко „тоне“ во ѓубре – граѓаните нервозни, улиците смрдливи, отпадот несобран
Градоначалникот на Центар Горан Герасимовски информира дека е обезбедена дополнителна механизација за чистење на улиците и на сметот и дека со директорот на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ Душко Коцевски потпишале договор за изнајмување дополнителна механизација и опрема.
Со ова зајакнување на капацитетите, покажуваме дека и во услови на институционална блокада, интересот на граѓаните е на прво место. Граѓаните на Центар не смеат да бидат заложници на нечија негрижа. Наша должност е да им обезбедиме чисти улици и достоинствено урбано живеење. Затоа обезбедивме дополнителна механизација за поефикасно справување со отпадот и одржување на јавната хигиена – рече Герасимовски.
Во централното градско подрачје состојбата со отпадот е ужасна, а денеска бевме сведоци дека поради планина од ѓубре насобрана во и околу контејнерите на улицата Даме Груев веднаш до палатата „Лазар Поп Трајков“, каде што се сместени неколку државни институции, не можеше со автомобил да се пристапи на паркингот, па вработени во „Градски паркинг“ го собираа на куп за да се овозможи влез.

Со расчистување на ѓубрето се занимаваат и општинските служби на Општина Аеродром, наместо градските комуналци. Градоначалникот Дејан Митески соопшти дека само во текот на вчерашниот ден собрале 10 тони отпад што го депонирале на „Дрисла“.
Граѓаните плаќаат за чиста и уредна средина, а не за депонии и ѓубришта. Никој нема право да го загрозува нашето здравје и иднината на нашите деца. Од утре продолжуваме уште поинтензивно. Ако нема веднаш реакција од ЈП „Комунална хигиена“, како градоначалник ќе поднесам кривична пријава за загрозување на животната средина во согласност со член 218 од Кривичниот законик и секојдневно ќе барам постапување од Обвинителството и МВР – најави Митески.
И покрај тоа што граѓаните редовно ѝ плаќаат месечни сметки на „Комунална хигиена“ за собирање на комуналниот отпад, сега дополнително се троши и од општинските буџети за работа што не е во нивна надлежност.
Јавното претпријатие за комунални дејности на Општина Аеродром има склучено договор со ЈП „Дрисла“ за собирање и депонирање на комуналниот отпад. Според договорот, редовно вршиме плаќање врз основа на издадена фактура од страна на „Дрисла“, по доставена услуга, која по тарифникот изнесува 680 денари плус 5 % ДДВ од тон мешан отпад. Износот што го плаќаме варира во зависност од количината на отпадот што се предава месечно. Плаќањето се врши по фактури, според условите предвидени во договорот – објаснуваат од Општина Аеродром и додаваат дека сега дополнително се оптоварува буџетот со комуналниот отпад што го собираат и носат на депонијата, затоа што градските комуналци не си ги завршуваат обврските.
За ужасната состојба со ѓубрето денеска беше запрашан и премиерот Христијан Мицкоски, кој посочи дека на 19 октомври Орце Ѓорѓиевски ќе биде избран за градоначалник на Град Скопје и во првите 72 часа ќе се направи генералка од сметот, а потоа ќе следува и одговорност. Тоа со други зборови значи дека скопјани треба да почекаат да завршат изборите за да се исчисти градот, значи „само“ уште отприлика месец и пол.
Тој потсети на ситуацијата кога градоначалниците од скопските општини се организираа да го соберат сметот затоа што „Комунална хигиена“ штрајкуваше и дека одговорните во „Дрисла“ им ја затворија портата, а градоначалниците добија и кривични пријави, па сега не сакал да ги жртвува повторно.
Простете ми, јас сум одговорен човек, претседател на Влада, претседател на најголемата политичка партија и не можам да дозволам и да жртвувам градоначалници што се избрани од граѓаните за некој фрустрациите да ги покажува на нив – рече Мицкоски.
На прашањето дали чувствува одговорност за неподигнатиот смет затоа што градоначалничката Данела Арсовска беше поддржана од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски кажа дека повеќе најмалку 10 пати им се извинил на граѓаните за тоа што ја поддржале и дека таа грешка нема да се повтори.
Веднаш потоа реагираше Арсовска, која исто така им се извини на граѓаните.
Ако сакаше да има одговорност, требаше твоите советници да дадат оставка, за да сега ти заедно со нив не си директно одговорен за хаосот во Скопје. Еве сега и јас им се извинувам на граѓаните што сум мислела дека си чесен, професор и интелектуалец, не знаејќи што навистина си. Администрација во Град Скопје јас не ја донесов, работев со луѓе што се професионални, вредни и го сакаат градот за разлика од вас, тоа се луѓе кои вие и таквите како вас ги вработиле во изминатите 30 години – напиша Арсовска на Фејсбук.
Од ваквите извинувања скопјани немаат ама баш ништо. Очекуваат чист град, а не град каде што ѓубрето се прелева по улици, како потенцијален извор на зарази и загрозување на здравјето.