
Аквадуктот се реставрира со години, а локалните власти не направија ни приод до него
До објектот нема направено соодветен пристап, се доаѓа само по патчето меѓу куќите и реката Серава, па голем број скопјани не знаат како да стигнат до него. Туристите, пак, обично доаѓаат да го посетат во придружба на локални водичи, кои се црвенеат од срам пред гостите за состојбата што ја затекнуваат таму.
Градот има со што да се пофали како културно наследство, но не може да се пофали со грижата за дел од објектите, кои се атрактивни за посетителите, но кога тие ќе дојдат на локацијата каде што се наоѓаат, остануваат вчудовидени од она што ќе го видат таму. Еден од нив е скопскиот Аквадукт, кој е прогласен за објект со највисок степен на заштита на културно наследство од особено значење, лоциран на територијата на општина Бутел.
Препорачано
И додека Конзерваторски центар се обидува да го реставрира и да го зачува овој неверојатен објект, локалните власти не се грижат да се уреди неговата околина, која е запуштена, со израснати треви и преполна со ѓубре.
До објектот нема дури направено соодветен пристап, се доаѓа само по патчето меѓу куќите и реката Серава, па голем број скопјани не знаат како да стигнат до него. Туристите, пак, обично доаѓаат да го посетат во придружба на локални водичи, кои се црвенеат од срам пред гостите за состојбата што ја затекнуваат таму.

Да не беше овогодишниот „Генералка викенд“, па организаторите се сетија да се исчисти околината на Аквадуктот, којзнае уште колку време ѓубрето ќе си лежеше на тој простор. Но и вчерашното чистење не е гаранција дека наскоро нема повторно да се наполни со ѓубре, затоа што никој не контролира што се случува таму.
Скопскиот Аквадукт – место со голема историска и културна важност, но истовремено, би рекол и „жртва“ на долгогодишна негрижа. Затоа, денешната акција не е само чистење отпад, туку и обид за враќање на вредностите и вниманието кон јавниот простор, кој ни припаѓа на сите. За жал, Скопје никогаш не било во полоша состојба кога станува збор за јавната хигиена. Недостигот од одржување, неорганизираниот пристап и очигледната негрижа доведоа до состојба во која главниот град е полн со отпад, диви депонии и запуштени површини – истакна градоначалникот на Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски.
Скопскиот Аквадуктот е најголем по должина на Балканот, со 386 метри. Некои податоци говорат дека е изграден за време на Римскиот период, но се смета и дека е можно да е изграден за време на Јустинијанскиот период или за време на Османлиите. Водата низ Аквадуктот била носена од Скопска Црна Гора, од селото Рамне. Во 60-тите години по земјотресот паднати биле три арки, по што била извршена санација.

Во 2020 година е изработен Основниот проект за конзерваторско реставраторски работи на Аквадуктот врз основа на 15-годишни мултидисциплинарни истражувања во кои биле вклучени домашни и странски експерти. Конзервацијата е исклучително скапа работа и се изведува во неколку фази.
Првата фаза се реализираше во текот на 2021/22 година, при што беше поставен дренажен канал во должина од 160 метри, со што се создадоа услови за градежните интервенции. Во 2023 година се работело на втората фаза од реализацијата на основниот проект, што опфатила продолжување и преземање мерки за статичка стабилизација на преостанатите 4 инклинирани столбови на објектот и консолидација на почвата под темелите со цел да се обезбеди идната стабилност и егзистенција на објектот. За втората фаза биле потрошени 3 654 686 денари.
Од воведувањето во работа се извршени дел од подготвителните работи како што е формирање градилиште, контејнерски тип со канцелариски простор за изведувач и надзор, санитарен јазол, магацински простор, складирање материјали, пристап до локација, оградување на просторот на делот каде што ќе се интервенира, расчистување на теренот пред отпочнување со работа и поставување информативна табла – се вели во извештајот на Националната установа „Конзерваторски центар“ за активностите од третата фаза спроведени во 2024 година.

За оваа фаза Министерството за култура одобрило 4 милиони денари, а биле потрошени околу 600 илјади. Во план за работа на конзерваторите за 2025 година е зацртано и реализација на четвртата фаза од проектот.
Кон крајот на минатата година Амбасадата на САД додели грант за конзервација и реставрација на Аквадуктот од 205 илјади долари.
Прашањето што се наметнува е што чекаат локалните власти за да го уредат просторот за овој значаен објект и околината околу него да заличи како што доликува и како што тоа го практикуваат европските земји, кои знаат како од своето културно наследство да направат и туристичка атракција.