
Доаѓаат од далечни земји да работат, а заработуваат повреди – кој се грижи за безбедноста на странските работници?
Според законот, надлежни за безбедноста на странските работници се фирмите што ги ангажирале, што значи дека треба да им обезбедат соодветна заштитна опрема и услови. Од друга страна, трудовите инспектори се должни да појдат на лице место за направат реконструкција на причините што довеле до несреќа на работното место
Сите странски градежници што се ангажирани како физички лица во домашните компании ги имаат истите права и обврски според нашите закони. Тоа значи дека се пријавени, здравствено и пензиско осигурени и се носат на задолжителните лекарски прегледи, како секој домашен градежник, објаснува за „Слободен печат“ Андреа Серафимовски, претседател на Здружението за градежништво при Стопанската комора на Македонија.
Препорачано
Иван Пешевски, претседател на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање (СГИП), пак, дополнува дека според законот надлежни за безбедноста на странските работници се фирмите што ги ангажирале, што значи дека треба да им обезбедат соодветна заштитна опрема и услови. Од друга страна, трудовите инспектори се должни да појдат на терен за да направат реконструкција на причините што довеле до несреќа на работното место. Осигурителните компании ја плаќаат отштетата само доколку се докаже дека работникот не е виновен, во спротивно тој и неговото семејство нема да добијат ништо, додава Пешевски.
– Доколку при вештачењето се докаже дека работникот бил виновен за повредата, тогаш тој и неговото семејство нема да добијат отштета. И ова важи само доколку настанот се случил во текот на работното време – вели Пешевски.
Лани според податоците на Агенцијата за вработување, биле издадени близу 5.900 позитивни мислења за вработување странски работници, а поради недостигот на работна сила, најмногу во угостителството, градежништвото и во текстилниот сектор, властите лани ја зголемија квотата за увоз од 5.000 на 7.000 странски работници. За нив треба да се добијат дозволи од МВР и од Агенцијата за вработување, а најголем дел од странските работници доаѓаат како физички лица, а дел и преку посреднички фирми.
– Ние како компании ги сносиме сите трошоци почнувајќи од здравственото и пензиското осигурување, па сè до задолжителните лекарски прегледи. Значи, не ги двоиме странците од домашните работници и за сè што е случува во текот на работното време сме одговорни. Каков е третманот на оние странски работници ш=то доаѓаат преку посреднички фирми, не знам. Треба да се каже дека по 16 часот, односно по завршувањето на работното време, тие си се грижат самите за себе – вели Серафимовски.
МВР откри како се повредил Турчинот оставен да почине пред болница во Скопје
Инаку, во 2023 година Трудовиот инспекторат регистрирал 16 смртни случаи како последица на несоодветно обезбедени услови при изградбата и 2.005 повредени работници. Претседателот на Синдикатот за градежништво и индустрија вели дека градежниот сектор има најлоши надворешни влијанија и такви услови за работа што не се почитуваат соодветно со лична заштитна опрема.
– Да не те снајде несреќа на работното место – коментира Пешевски.
Инаку, во 2024 година најмногу несреќи на работното место се случиле во јавната управа и во одбраната 26, во преработувачката индустрија 25 и во градежништвото 22 несреќи. Најголем број несреќи што резултирале во смрт има во градежништвото, стои во Извештајот на македонското Здружение за заштита при работа.
Олеснети процедури за странски градежници за стратегиски проекти
Инаку, МВР кон крајот на минатата година подготви измени на Законот за странци, со кои се олеснува постапката за добивање дозволи за престој на странци што се вработуваат кај стратегиските партнери и нивно вработување по скратена постапка.
Според овие измени, компаниите што реализираат стратегиски проекти во земјава (како и „Бехтел и Енка“) ќе можат да ангажираат работници од странство без разлика дали е исцрпена државната квота за вработување странци и без мислење на Агенцијата за вработување, која дава мислење за вработување на странците. Дел од овие услови нема да важат за вработување странци во другите компании во земјава.
Од Синдикатот за градежништво се побунија дека законските измени што се предложени, се дискриминаторски за домашните компании и странските инвеститори што не се стратегиски партнери на државата, а имаат потреба да вработат странци.