
Ако има поскапувања, ќе има нови ограничувања кои ќе траат до крајот на годината – Премиерот Мицкоски нема информација за поскапувања во трговијата
Но, доколку извештајот на ДПИ покаже такво нешто на крајот од мај, автоматски ќе бидат применети мерки, кои ќе траат до крајот на годината, се закани Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски нема информација дека по завршувањето на владините мерки за ограничување на маржите, цените на храната повторно тргнале по нагорна линија.Тој рече дека се сретнал со министерот за економија и труд и тој му покажал бројки во кои немало драстични отскокнувања од 30 април наваму.
Препорачано
-Ги следиме состојбите со цените во трговијата, а министерот Дурмиши не ми посочи посебни зголемувања. Но, доколку извештајот на ДПИ покаже такво нешто на крајот од мај, автоматски ќе бидат применети мерки, кои ќе траат до крајот на годината. Јасно го кажавме тоа, дека нема да толерираме вакви работи. Слушаме за разни трикови со кои се служат трговците. Се зборува дека преку фантомски правни лица ќе се изнесуваат пари под плаштот на маркетинг и пи-ар услуги, а со тоа ќе се плаќа онаа маржа која во минатото им се плаќала на одредени маркети. До нас стигнуваат такви информации, вознемирени сме и тоа не е добро, бидејќи така не може да градиме партнерски односи – посочи Мицкоски.
Владините мерки завршија на 30 април, а оттогаш наваму граѓаните, но и дел од трговците алармираат дека е тргната ценовната лавина кај јајцата, месото, млекото и млечните производи, кафето, чоколадите и хемиските производи.
-Дали има нови цени? Таа пракса воопшто и не е застаната, иако во проценти можеби се работи за 20 до 50 денари повисоки цени за одредени производи, но тоа на крајот се собира во секоја сметка за пазарење – велат за „Слободен печат“ во еден скопски маркет. Министерот за економија и труд, рече дека ќе се изготви соодветна анализа од контролите на пазарните инспектори и на крајот на мај ќе се разгледа со какви мерки во иднина ќе се спречува инфлацијата.