Тротинети/ фото Слободен Печат/Слободан Ѓуриќ

Ако гледате во телефон на пешачки, не берете гајле, полицијата ќе казнува кога граѓаните „ќе се запознаат со измените“

Не се знае кога полицијата ќе почне да ги казнува пешаците коишто зборуваат или гледаат на телефон додека поминуваат на пешачки, а ни возачите на тротинети што не ги почитуваат новите правила. Според МВР, полицијата и понатаму опоменува, но ќе почне да казнува „кога граѓаните ќе бидат запознаени со новите измени“.

Не е јасно ни кога ни како во МВР ќе проценат дека доволно граѓани се запознале со измените – дали тоа ќе биде веднаш по локалните избори или, пак, ќе се процени од око. Можеби ќе се спроведат анкети, па така ќе се дознае. А можеби новите измени ќе се заташкаат и нема баш многу да се казнуваат пешаците што не ги почитуваат правилата, што го повлекува прашањето зошто воопшто се донесени измените и дали тоа е поврзано со вистинска грижа за безбедноста на граѓаните или со други политички математики.

Пред една недела, од МВР изјавија за „Слободен печат“ дека се изречени опомени за 63 скопјани, а според новите информации од Министерството, досега се опоменати 99 скопјани. Опоменати се 36 повеќе за една недела, па можеби полицијата се обидува да биде блага со „престапниците“ коишто хиперфокусирано не го тргаат својот поглед од мобилните.

Не е познато дали МВР нема комуникација со другите општини низ Македонија, освен со Скопје, бидејќи нема информации за опомени надвор од главниот град. Можеби никој не е опоменат надвор од Скопје.

Нема казна за пешаци и велосипедисти со слушалка на едно уво?

Инаку, секојдневието останува исто. Деца возат без кациги, по двајца-тројца се качени на е-тротинет, а пешаците и понатаму знаат да се загледаат во својот телефон додека поминуваат на пешачки. Можеби во други земји некој би рекол: „Пешаците си поминуваат на зелено, зошто да платат?“ или „Па и да нема семафори, возачот треба да внимава“ – став којшто има смисла надвор од земјава. Но, овде пешаците ги поздравуваат возачите кои биле доволно пристојни да ги пуштат кога поминале на пешачки, потрчувајќи за да не го изнервираат возачот со краток фитиљ, којшто не може да чека повеќе од една секунда на пешачки.

И на крајот еден пример од нашето секојдневие. Вчера на „Рузвелтова“ неколкумина момчиња одеа на тротоар, додека едно од нив со е-тротинет возеше на лента во спротивна насока и го креваше на едно тркало, плашејќи ги возачите и бегајќи со тротинетот неколку мига пред да предизвика несреќа за која возачот ќе треба да го носи на совест.

Ова не е соодветен пример за новите измени, таквото поведение се казнуваше и пред измените, но е добар потсетник за овдешниот менталитет.

ФОТО | Нема кој да ги скроти „камиказите“ на електрични тротинети!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот