
Академиците широкоградо ја прифатија стратегијата на Мицкоски
Тоа е една од нашите основни задачи и спаѓа во основната дејност на МАНУ. Ние сме почестени и задоволни дека добивме директна покана за помош и соработка од Владата, бидејќи тоа подолго време ни се нема случено. МАНУ ќе учествува, и како највисока научна и уметничка институција ќе застане, заедно со Владата, на чело на тој проект, ни рече претседателот на МАНУ Живко Попов
МАНУ го поздравува предлогот на премиерот Христијан Мицкоски за изработка на стратегија за државата и, како што вели претседателот на Академијата Живко Попов за „Слободен печат“, дека како највисока научна институција се почестени да учествуваат во таков проект.
И академик Владо Камбовски смета дека повеќе од потребно е да се работат стратешки документи за иднината на државата, особено дека се подготвуваме за почеток на преговорите со ЕУ. Според Камбовски, само преку таков проект може да се надминат и поделбите во државата.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Мицкоски најави изработка на нов, сериозен проект, кој ќе биде преточен во стратегија на државата за периодот до 2050 година, во која ќе се дефинираат националните приоритети.

Камбовски: Документ за надминување на внатрешните поделби
– Тоа е една од нашите основни задачи и спаѓа во основната дејност на МАНУ. Ние сме почестени и задоволни дека добивме директна покана за помош и соработка од Владата, бидејќи тоа подолго време ни се нема случено. Во секој случај, МАНУ ќе учествува, и како највисока научна и уметничка институција ќе застане, заедно со Владата, на чело на тој проект, заедно со колегите професори и научници. Самата Академија има капацитет со своите шест одделенија и осум научно-истражувачки центри, со колегите од универзитетите и од научните институции, во соработка со Владата, да изработи еден таков документ. Ние секако претходно ќе се договориме со Владата, ќе ги избереме приоритетите на тие области каде што има најгорливи проблеми што го оптоваруваат македонското општеството, какви што се образованието, науката, здравството, енергетиката, одржливиот развој, пензиското осигурување, земјоделието… – вели претседателот на МАНУ Попов.
Тој објаснува дека иницијативата ќе помине во сите одделенија на Академијата и, ако е потребно, ќе се свика и Собранието на МАНУ. Одлуката за учеството, видот и приоритетите ги носи претседателството на Академијата како највисок орган на управување.
Академик Камбовски потсетува дека една стратегија била подготвена од МАНУ во 1995 или 1996 година, и тоа за економскиот развој, а во неа учествувала голема група домашни и странски експерти. Следен стратешки документ бил подготвен на 50-годишнината на МАНУ, а третата стратегија во која учествувала Академијата е долгорочната стратегија „Македонија 2044“ која ја работела УНДП и други странски партнери и која сега е пред пратениците.

– Добар е овој правец на размислување, да се работат такви стратешки документи што ќе ја одредуваат насоката на политиките и, независно од промената на власта, на владите, ќе се знаат кои се целите, патиштата, начините како да се стигне до тие цели. Стратешкото планирање ни е исклучително важно. Мислам дека во последно време почна да се размислува повеќе стратешки затоа што на тоа нè обврзува и целиот процес на европски интеграции кој самиот по себе бара висок степен на подготовка и планирање, особено кога ќе почнат преговорите за ЕУ. Во сите овие делови, за кои, практично, ние треба да најдеме одговори на сите подрачја на функционирањето на ЕУ – од владеењето на правото кое е прво поглавје, па до последните кои се наредени во кластери. Значи, несомнено дека е повеќе од потребно да се работат стратешки документи и на крајот сето тоа да се усогласи во еден долгорочен поглед на иднината на земјата. Само на тој начин можат да се надминат внатрешните поделби, партиски, идеолошки и други, што не нè доведоа до некој сјаен резултат во изминатите години – вели Камбовски.
СДСМ веднаш го отфрли предлогот на Мицкоски
Наспроти Академијата, политичката елита или во старт ја одбива иницијативата на премиерот или е затечена. Опозицискиот СДСМ веднаш го отфрли предлогот на Мицкоски со аргумент дека долгорочна стратегија има и дека премиерот кажува празни зборови. Владините партнери ЗНАМ и Вреди се без коментар, зашто во Владата досега не разговарале за стратегијата која ја најави Мицкоски.
– За повикот на премиерот Мицкоски може да истакнам и со аргументи и со факти дека СДСМ докажал дека никогаш не бил кочничар на развојот на државата на секое ниво, во секој сектор што значи подобар живот и за целата држава, подобар живот за граѓаните. Така што, да го разгледаме прво предлогот што го нуди Мицкоски, потоа и би се произнеле околу неговиот последен повик – изјави Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.

Од партијата, пак, соопштија дека државата веќе има национална стратегија која претходната влада, со помош на експерти и претставници на сите политички партии, ја изготвила и ја поднела до Собранието – Стратегијата за развој 2024-2044.
– Тоа е платформата околу која треба да се води разговорот, а Собранието е местото каде што се одржуваат овие дебати. Фактот што Мицкоски го деградира Собранието како форум за вакви важни теми е само доказ за неговата несериозност. Мицкоски веќе повикуваше на обединување околу 10 точки и вредности што самиот не ги почитува. Сега повикува на обединување околу стратегија која веќе постои, па овој пристап го сметаме за крајно несериозен. Мицкоски за четири месеци не понуди конкретни и мерливи цели во ниедна стратешка област, цели за кои државата би имала план и временска рамка за реализација. СДСМ, за жал, препознава само празна реторика со која Мицкоски се обидува да се прикаже како конструктивен политичар, но во реалноста тоа не е така – велат од партијата на Венко Филипче.
Според СДСМ, од досегашните политики на Мицкоски не може да се препознае ниедна политика којашто е во интерес на граѓаните околу која би можеле да се обединиме. Оценуваат дека има паушално најавена борба против корупцијата и криминалот, безбедноста во државата е на најниско ниво, има назадување на демократијата, паралелни институции формирани од Вреди, се создаваат паралелни академии на науки и се врши брутална партизација.
– Додека ВМРО-ДПМНЕ не созрее и не разбере дека обединувањето не смее да се користи како политичка флоскула и манипулација, туку за тоа е потребно вистинско лидерство, државата, за жал, нема да напредува – констатира СДСМ.

По Мицкоски, и ВМРО-ДПМНЕ го повика СДСМ да ги напушти теснопартиските интереси и да го прифати предлогот на премиерот.
– Визијата на претседателот Мицкоски за стратегијата на државата до 2050 година ги опфаќа приоритетите на развој на државата, демографските предизвици, економските цели и како да се стигне до нив, потоа земјоделски и технолошки развој, енергетски и транспортен развој, подобрување на животната средина, на образованието и на здравството во чекор со светските достигнувања. Македонија има потреба од нова парадигма, која ќе ја внесе државата во новото време. Интересот на државата и на генерациите што доаѓаат по нас мора да биде врвен приоритет. Тоа може да се оствари само со една сеопфатна стратегија, која ќе го трасира патот за развој на државата, каде што граѓанинот и неговиот интерес ќе бидат јадрото. Претседателот Мицкоски отвори дебата, ги повикуваме сите чинители во општеството да се вклучат – рече пратеникот Драган Ковачки.
Мицкоски во обраќање рече дека Владата ќе се обиде да го договори овој проект со МАНУ и со универзитетската заедница.
– Научните умови беа маргинализирани и насочени само кон своите проекти и научни цели, но овој пат мора да се вклучат и да помогнат во развојот и поставувањето на целите и на приоритетите. Секоја академија на науки од соседството соработува со својата држава и придонесува кон градењето стратегии за државата. Нашата мора да го добие заслуженото место на почит, но и на одговорност – рече Мицкоски.
Премиерот рече дека во следните 70 години сме на добар пат да исчезнеме како држава и дека мора да се најдат одговори за тоа „како ќе функционира држава со таква диспропорција на население и толку малку луѓе што ќе работат, да не кажам повеќе од половина од нив во администрацијата“.
– Кој ќе ја одржува таа држава? Знае ли некој од овие што досега ја воделе државата каде оди државата – праша Мицкоски.