Марија Савеска/фото: Фејсбук

„Ајде“ во Аеродром: Хуманитарен инклузивен фестивал со Гоце САФ, Марија Савеска, Иван Ајнштајн

Првото издание на инклузивниот фестивал „Ајде“ ќе се одржи на 4 септември со почеток во 18 часот во паркот „Васко Карангелески“ во Општина Аеродром. Фестивалот нуди богата програма за сечиј вкус, велат организаторите за „Слободен печат“.

– Преку богата урбана музичка и културна програма придонесуваме за збогатување на културната содржина на Општина Аеродром и Град Скопје. На сцената на „Ајде“ ќе настапат Диџеј Тина, Блек Хол Бенд, рокенрол-концерт на музичкото училиште „Мјузик лаб“, раперот и јутјубер Иван Ајнштајн, миленикот на младите Пајак и легендата на македонската рап-музика Диџеј Гоце САФ. Нашиот фестивал е инклузивен со хуманитарна димензија. Преку забава ќе собираме средства за да им се помогне на најзагрозените семејства на територијата на Аеродором – велат организаторите.

„Ајде“ има тенденција да прерасне и во платформа на вмрежување на домашните компании со локалното население, додаваат оттаму, за што предвидуваат штандови на кои граѓаните ќе можат да дојдат до информации за компаниите, како и за потенцијално вработување во истите.

Во рамките на фестивалот инклузијата е на пиедестал.

– На наша огромна чест и задоволство добиваме една бонус музичка точка во програмата, а тоа е познатата Пепелашка, Марија Савеска. Таа го посетува музичкото училиште на Андријана Јаневска, а долго членува и во балетското студио „Еурека“ со кое настапува на натпревари како во земјата, така и во странство. Учествувала во четири инклузивни претстави на „Еурека“ поставени на големата сцена во НОБ од кои во првата „Пепелашка“ ја танцуваше главната улога, преку која ѝ стана позната на пошироката јавност. Има освоени две златни интернационални медали во танц, заедно со инклузивната група на „Еурека“ денес настапува на натпревари и имаат освоено повеќе први места – велат од „Ајде“.

Фестивалот на посетителите ќе им понуди можност да погледнат изложба на младиот Филип Циглењак.

– Филип е дете од аутистичниот спектар, но веќе неколку години со голема љубов и страст слика и прави ремек-дела. Имал досега неколку изложби со висока посетеност па нашата радост е огромна што тој и неговото семејство се вклучија со оваа изложба на нашиот фестивал. Тој е дијамант – дете на нашите пријатели од здружението „Во мојот свет“ со кои ја подигнуваме свеста на околината за инклузија на лицата со попреченост и аутизам – појаснуваат организаторите.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот