Анџела Прајс Агелер - амбасадорка на САД во Р. С. Македонија / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Агелер за „Слободен печат“: Обвинителите и судиите мора да кажат кој им врши политички притисок!

Се вознемирив што гледам пресврт во толку многу судски случаи од висок профил. Не можам да не бидам загрижена од широко распространетото политичко влијание и притисок врз судските одлуки, изјави амбасадорката Анџела Агелер за „Слободен печат“.

Укинувањето на првостепената пресуда за случајот „Организатори на 27 април“ и одлуката на Апелацискиот суд предметот да се врати на повторно судење пред Основниот кривичен суд Скопје предизвика лавина реакции и во јавноста и во експертските кругови, но и кај дипломатите во земјава, особено што станува збор за само еден во низата слични случаи.

Американската амбасадорка Анџела Агелер, која сериозно ги следи случувањата во судството и борбата против корупција и отворено критикува, за „Слободен печат“ вели дека е вознемирена од пресвртот во многу судски случаи од висок профил и очекува да види законско оправдување за тоа.

– Се вознемирив што гледам пресврт во толку многу судски случаи од висок профил и допрва морам да видам јасно законско оправдување за тоа. Не можам да не бидам загрижена од широко распространетото политичко влијание и притисок врз судските одлуки. Обвинителите и судиите мора да се спротивстават на притисокот, да работат со интегритет и да ги прозиваат оние што се мешаат. Луѓето во оваа земја не заслужуваат ништо помалку – ни изјави амбасадорката Агелер на прашањето за коментар на одлуката на Апелацискиот суд, но и на изјавата на поранешната шефица на Обвинителката за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска, која рече дека се соочила со притисоци да се откаже од обвинението против поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски.

Претходно се огласи и Делегацијата на Европската Унија во Скопје од каде што не сакаа да ја коментираат одлуката на Апелацискиот суд, но порачаа дека судиите и обвинителите треба да работат независно, непартиски и професионално.

„Европската Унија одблиску ги следи случувањата во судството. Но, по правило не интервенираме во индивидуални случаи, ниту, пак, коментираме судски одлуки. Со тоа треба да се занимаваат релевантните национални власти. Во интерес на сите граѓани е работата на судиите и на обвинителите да се врши независно, непартиски и професионално“, изјавија од Делегацијата на ЕУ за „Слободен печат“.

Со одлуката на Апелацискиот суд се уважија жалбите на обвинетите и се укина првостепената пресуда во предметот „Организатори на 27 април“, со која беа осудени поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски и поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски, со што предметот се враќа на повторно судење во Основниот кривичен суд Скопје. Жалбата на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција во оваа фаза на постапката е беспредметна, а мерките за претпазливост кон обвинетите Вељаноски и Атанасовски остануваат на сила.

По одлуката следеше допишување и меѓусебно обвинување меѓу Апелациски и Кривичен суд, а добри познавачи на правосудството за „Слободен печат“ коментираат дека е недозволиво и мора да се казни однесувањето на одредени судии, кои смислено постапуваат на начин со кој се одолжуваат судските постапки со цел да застарат делата за кои се товарат обвинетите, а органот што треба да ги казни судиите и кој треба да се повика на одговорност е Судскиот совет.

Пред неполн месец Судечкиот совет при Кривичниот суд донесе решение со кое го запира кривичниот прогон за ексдиректорот на Царина, Драган Даравелски. Според судиите, нему не може да му се суди, одново бидејќи има апсолутна застареност на делото злоупотреба на службена положба и овластување. Пресудата со која доби седум години затвор се укинува, а Даравелски е на слобода.

На 7 април, застарува и предметот „Титаник 2“ за ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков. Предметот „Таргет-Тврдина“ пак е вратен на повторно судење.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот