Илустрација: „Слободен печат“ - Елисавета Бејкова
Илустрација: „Слободен печат“ - Елисавета Бејкова

Афера Онкологија: Во приватен стан во Хром, најден лаптоп од Клиниката, со материјална картичка за пациенти што примале „перџета“

Во стан во скопската населба Хром, во кој под наем живеело сега осудено лице за примање поткуп од пациент и вработено на Клиниката за онкологија, биле пронајдени медицински документи од Клиниката за онкологија и материјални картички за лекот „перџета“ (пертузимаб), тврдат за „Слободен печат“ две лица кои што ги виделе овие испечатени материјални картички и лаптопот и ја превезле сопственичката на станот до Обвинителството за да ги предаде истите. Предавањето на материјалите во Обвинителството било пред околу 1 година.

Сопственичката на станот во меѓувреме починала, а истражните органи не откриваат ништо официјално на темата „станот во Хром“. Јасно е дека материјалните картички за медикаментите по ниеден основ не би смееле да бидат во стан на вработен бидејќи содржат лични податоци сопственост на Клиниката. Дали лаптопот е даден на вештачење во секторот за компјутерски криминал во МВР, дали е испитувано што се правело во станот и дали е спроведена истрага за овој скандалозен и наводно спорадичен момент? Неофицијално, никогаш не било спорено што вработениот дома ги имал документите, а кога го викнале во Обвинителството да го сослушаат, тој одговорил дека „ги зел за да му бидат гаранција“.

Според нашите извори, лицето што во тоа време било вработено на Клиниката за онкологија, престанало да плаќа кирија и доцнело со плаќањето на сметките, што довело до конфликт односно барање на сопственичката лицето да се отсели. Кога го расчистувала станот, во перницата на креветот нашла лаптоп и медицинска документација што потекнувала од Клиниката за онкологија кои му биле предадени на Обвинителството во Скопје. Тоа ни го потврди човек што лично ја превезол со автомобил жената на тој состанок ама и доктор онколог на кого претходно му биле однесени овие пронајдени материјали да ги разгледа и да види за што се работи.

-Видов, имаше дел од материјалната картица за „перџета“ испечатена на листови и тоа за триесетина пациенти. Лаптопот го препознав дека е сопственост на клиниката, донација, службен лаптоп, темно сив од марката Hewlett Packard. Е зошто би бил лаптопот дома кај ова лице и дали е евидентирано во пописот на Клиниката дека лаптопот го нема, е големо прашање. И зошто тоа лице би имало опција да располага со овие информации и материјални картички дома? – ни рече тој.

Директорот на Клиниката за онкологија доктор Игор Стојковски не е запознаен дека фали лаптоп на Клиниката, но во разговор со „Слободен печат“ потврди дека службени лаптопи поседуваат во болницата.

-Не би смеело да има испечатени материјални картички во ничиј дом на вработен, затоа што тие претставуваат службена тајна за што секој вработен потпишува изјава за доверливост, ни рече тој.

Постојат две сценарија – или овие медицински документи и лаптоп служеле за некаква пара-операција во станот, или биле украдени дополнително од некоја друга причина. Никој од соседите не сакал да коментира дали во станот се одвивал зголемен интензитет на движење на луѓе, односно дали луѓе влегувале и излегувале почесто така што овој дел од истрагата ќе остане во сивило. Во секој случај, податоците на 30 пациенти, според нашите извори протекле надвор од Клиниката од неистражени причини.

Перџета (пертузимаб) е концентрат за раствор во инфузија во стаклена вијала и лек што според Регистарот на лекови и медицински средства на Агенцијата за лекови и медицински средства може да се употребува само во здравствена организација преку интервенска инфузија што трае 60 минути за почетна доза.

Основното јавно обвинителство Скопје ја заврши истражната постапка во предметот за злоупотреби на Клиниката за онкологија. Постапката е во фаза во која течат роковите предвидени во Законот за кривична постапка, по што јавноста ќе биде известена во однос на јавнообвинителската одлука и доказниот материјал.

Вештачења беа спроведени во Србија и во Словенија и со нив треба да се даде одговор на прашањето – дали пациентите биле соодветно дозирани, лекувани, дали им биле дадени лекови кои што производителот ги извадил од употреба за дијагнозата за која биле примани и дали начинот на кој што лековите биле препишувани би можеле да му наштетат на пациентот. Ова од причина што првичните увиди во медицинските истории на пациентите поставија сомнеж за несоодветно дозирање, односно препишување на лекови во многу краток временски период некомпатибилен со упатството. Но, што покажаа вештачењата засега не е познато.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот